Кога би имала време да не се свртам на различни бесмислени ‘морања’ само да се исполни нормата на денот кои ја пропишале разни душебрижници и законодавци, би отишла на осамена плажа и со часови да гледам во морето.
Кога би имала време, слободно и неоптеретено да речам:” Тоа вие мислите дека нешто морам. Ќе напишам песна над сите песни за љубовта, само слушајќи ја својата душа, која живее негде далеку а така блиску, секогаш тука.
Ќе ја прославам безвремнската љубов, која се крие од овоземските осудувачки погледи оти се плаши од невозвраќања.
Во мојата песна таа нема да се плаши.
Кога би имала време денес навистина нешто да не морам, ноншалантно да покажам со раката дека ми е сеедно, ќе ја слушам тишината во себе која ми ги дава сите одговори.
Ќе пуштам солза да ми го зачини утринското кафе.
Ќе и се јавам на мојата пријателка да и кажам дека се грижам за неа и навистина долго ќе се сослушаме една со друга.
Кога би имала време да не морам брзо негде да стигнам, да не морам итно да платам сметки, за да бидам веродостојна и вредна на животот по денешните мерила, јас би седела под најшироката крошна.Во моите прегратки ќе спие моето дете. И јас ќе му шепотам:” Еден ден, некогаш”..Тоа со благ поглед ќе ми рече:..”Знам, мама…Знам”.
by Рита
Leave a Reply