Има едно нешто кое им е заедничко на сите вери, нации, религии, секти, племиња, раси и животински видови – Мајка.
Зимата овде трае многу. Доаѓа порано и подоцна си оди.Но, верувајте дека тоа смотано годишно време никогаш повеќе во животот не сум го сакала. Некако носи спокој и тишина, па градов го прави безвременски.
Осми Март …
Толку ми е смачен тој ден во животов.Такво непотребно значење му се дало што кога се ближи ми изгледа како Барокот одново да не стигнува. Башка, абе луѓето ми се згадиле со нивното однесување во тој период.
Пустите леб нема да јадат ама за наставничките последниот денар на тезга ќе ти го истресат. Нејсе…
Овде е како и секој друг ден…Снежеше полека и идилично. Утрото станав пред сите како и обично. Си сварив кафенце и седнав во кујничето да си го испијам. Спокојно, со неколку цигарчиња заврши и тој ритуал.
Маливе ги разнесов по школи и појдов до маркет да си купам некоја ситница. Одбрав внимателно по едно букетче лалиња и убава црна чоколада за себе и за комшиката, па застанав во долгата редица на каса.
Никаде не брзав, го извадив телефонот и почнав да ги праќам оние глупави пораки со честитки на жениве од именик. Дојдов на ред конечно и откако ми наплати касиерот извади од кофичка едно мало смотано, црвено ружиче, ми го тутна во рака и со насмевка ми го честита празникот.
Хех..Никогаш и не помислив дека таков гест може некому толку да значи. Јас секогаш бев од другата страна на приказнава…Излегов…Абе толку ми беше топло на душава ми се чини ги стопив сите купчиња мразови позади себе одејќи накај колата.
Се вратив дома и како и секој ден илјадници обврски кои мора да се завршат. Мислам дека само тој ден времето беше на моја страна. Договорот беше со пријателкава да си дадеме малку оддишка и да излеземе вечерта на вечера и по некоја чаша црвено винце. Посебно се радував на тие моменти оти овде ретко наоѓав начин за таква разонода.
Се нашминкав внимателно, облеков една стара црна туника која едвај ми ги покриваше колената, новите кафеави чизми и застанав да висам пред огледалото во ходник и да си ги подместувам локните. Се на мене беше совршено…Одамна си немав посветено толку внимание за вака беззначајна работа.
Пред огледалцето во обична чашка ќерка ми ја ставила онаа смотана ружичка. Ја погледнав и повторно ми измами насмевка…Во тој момент во реалноста ме врати звоното. Направив само еден чекор и отворив врата.
Алмедина…
Таа беше едно ситно, мало створење кое секогаш се смееше. Кога се доселивме таа беше првата која моиве ги прибра и почна да ги игра. Денес се неразделни…
Алмедина има само братче и татко.Таа незнае како изгледа да има мајка…Нејзината починала во моментите кога неа ја донела на свет.И и благодарам до бескрај за тој подарок!
-Hajde mila uđi, čekaju te ovi moji. Ja izlazim sad.Imate sve u kuhinji i molim te ovaj put ne stidi se. Ok ljubavi?!
Сето тоа го кажав во еден здив додека го наметнував капутот и додека ја грабав ташната на излегување. Детето стоеше како хипнотизирано на самиот праг, ниту чекор напред, ниту чекор назад. Само стоеше и гледаше во мене со тоа очињата широко ококорени.
Во еден миг ми се џитна во прегратка и ме гушна околу половината толку цврсто што мислам дека како да се вдлабна целата во мене. Ја погалив по косичето полека. Го дигна главчето и ме погледна во очи со очиња полни солзи.
-Tako ste lepa i nežna. Ja vas puno volim gospođo Majka…
Незнаев што да кажам…Посегнав по ружичката и и ја тутнав во рачињата. Некако си одговараа и си припаѓаа.
Чудно …Ја бакнав во темето и само тивко и шепнав
-Volim i ja tebe ljubavi …
Излегов и неможев да си ги скротам солзите…
Ова лето Алмедина ме дочека со истиот жар. Залетана со ролерите итајќи ми во прегратка замалку да не се млатна во вратата од кола. Ми се залепи со рачињата како ‘ччка околу струк. Ја бакнав во испотеното чело и и се насмеав благо.
-Mmmm … tako mi nedostajao vaš miris draga moja gospođo…
-Оффф умница моја -прошепотив и ја гушнав уште посилно.
…Чедото секогаш ја препознава љубовта на една мајка …
Рената Миленкович
Leave a Reply