Замислете само колку светот ќе биде поубаво место за живеење, кога секој ќе се погрижи за себе. Кога секој ќе превземе одговорност за своите потреби и своите емоции.
Кога секој ќе знае, дека се’ што ни се случува во животот сами го избираме, дека ние сме креатори на својот живот, бирајќи своја околина и нашиот однос со неа.
Во нашиот свет, сами влијаеме на своето однесување и сопственици сме на своите емоции. Често се случува да не сме задоволни од својот живот, самите со себе и луѓето кои не’ опкружуваат. Се обидуваме да бидеме некој друг, да ги следиме општествените трендови и константно да се претвораме во нешто друго. Со тоа ја лажеме околината и самите себе и не се прифаќаме, онакви какви што сме. Единствени, неповторливи и незаменливи.
А кој сум всушност јас? За почеток размислете кои сте. Освестете го тоа во себе. Кажете си- јас сум…и набројте ги сите животни улоги кои ги имате и сите особини кои ве карактеризираат. Размислете дали тоа доаѓа од вас, што од тоа е ваше мислење за вас самите, што е улогата која сами сте ја избрале и што доаѓа од околината, мислењето на другите, животните околности.
Дали замисливте?
Ако точно знаете кои сте и што сте избрале и го приметувате кај вас, одредете што ви е најважно. Кои се вашите приоритети? Која е прва а која втора најважна работа и така по ред.
Знаејќи кои сте и кои ви се приоритети, значи дека имате орудие кое ќе ви помогне да одржувате свест за себе и својата различност од другите луѓе. Ќе бидете горди на својата посебност и единственост. Ќе откриете што сакате да бидете и во тој правец да напредувате и да се развивате.
Важно е само да знаете дали таа желба за промена доаѓа од вас или ја наметнува околината. Ако сакате промена, можете само ако вие вистински тоа го посакувате, друг ја нема таа моќ.
Другите луѓе не се ниту подобри, ниту полоши, едноставно се поинакви. Исто така и вашиот пат, вашиот живот не е ниту подобар ниту полош, од животот на другите луѓе. Тој е само поинаков. Важно е да се прифати различноста меѓу нас и да се почитува. Не се обидувајте да бидете некој друг, да бидете нешто што не сте, само за да ги задоволите критериумите на општеството или на некои поединци.
Ако сите бидат исти, тогаш сите ќе се сложуваат, но животот нема да биде поубав и едноставен. Ќе биде многу досадно, без предизвици и без можност за напредок и развој.
Изборот на пријателите и партнер ќе биде нула, бидејќи нема можност за избор. Права линија. Затоа различноста е така важна и стимулирачка.
Секако, понекогаш сакаме промена поради некоја за нас драга личност, за да и’ се допаднеме. Ако таа промена доаѓа одвнатре и е искрена, тогаш ја правиме за себе, да бидеме среќни со неа.
Ако таа е мачна и манипулативна, од било која страна, тогаш вистината ќе излезе на виделина и ќе дојде до разочарување и прекин на односот, било да е љубовен или пријателски.
Денес луѓето многу се грижат за исхраната, негата на телото, изгледот и слично. Но, малку кој се грижи за својата психолошка придобивка.
Грижете се за себе и своите приоритети. Што сакате во животот, кои ви се целите.
Имаме многу обврски и малку време да направиме се’ што сакаме и плус се обидуваме да ги одржуваме односите кои се неквалитетни и кои ни ја црпат енергијата и силата. Обидете се со квалитет а не квантитет.
Грижете се за тоа какви пријатели бирате, какво ви е друштвото. Каков партнер сте одбрале или барате? Какви ви се односите со колегите на работа?
Вие треба да се грижите за тоа какво влијание има околината на вас. Секогаш имате можност за избор. Некои ситуации не се пријатни, но ваш е изборот како ќе реагирате во такви ситуации. Кога ќе ви се јави некоја вознемирувачка емоција, дајте и’ име во себе. И тогаш размислете што со неа.
Важно е дека вие бирате како ќе се однесувате, со кој ќе го поминувате времето. Бидете свои и грижете се за себе. Кој ќе се грижи за вас, ако не вие самите.
Извор: alternativainfornacije
Leave a Reply