Колку и да звучи како клише, модата, креирањето, правењето облека беа моја страст од најмали нозе. Сакав да смислувам облека, дизајнирав во мислите, на хартија. Мојот необичен интерес, за мене и за возрасните околу мене беше само невина детска игра.
И кога пораснав, долго време не гледав сериозно на мојата пасија, размислував за некои професии кои ги гледав како порационален избор.

Но, тогаш кога требаше да го направам изборот едноставно знаев. Денес сум среќна дека припаѓам на еден мал процент луѓе на кои животната пасија им е и професија.
Инспирацијата ја наоѓам буквално во се’ што ме опкружува, во се’ што гледам и слушам. Тоа може да биде човек, филм, музика, може да биде и некој интересен агол од предмет или сенка која паѓа врз архитектурата. Често инспирацијата ја наоѓам во некој материјал кој го гледам во некое одредено парче облека. Инспирацијата е насекаде, нијансите се во можноста креативно да ја видиме.
Мојот личен стил е пред се практичен, но сметам дека во голема мера го отсликува она што го работам. Секојдневието ми е динамично и во движење, па мора да се прилагодам на приликите. Така со текот на времето, како обврските се зголемуваа, моите високи потпетици стануваа се помали.

Сакам минимализам и чисти линии. Го обожавам црно-белиот контраст. Многу е важно да се каже дека независно од приликите треба да најдиме начин како да ја победиме тривијалноста во изгледот, затоа што она што го испраќаме преку појавата е невербална комуникација со опкружувањето. На тој начин испраќаме прва порака за тоа кои сме ние. Го задржуваме вниманието кај луѓето, ги тераме да не’ слушнат и да откријат кои сме и што нудиме навистина.
Женственоста не е секогаш прашање, кое може да се одговори со вистинско парче облека. Најчесто е комбинација на биолошки и социјален фактор, со предност на биолошкиот. Во некои случаи претставува и состојба на умот. Таму каде што недостасуваат овие два фактори, да се најде начин за да се поттикне или ако постои свесно да се потисне.

На пример голем број на жени кои работат т.н.”машки” професии или во доминантно машки работни средини за да не отскокнуваат или за да бидат прифатени посериозно, забораваат на жената во себе или ја потиснуваат како да претставува некаков проблем. Дури прифаќаат манири и размислувања кои им ги наметнува таа средина.
Од друга страна мажите воопшто не се плашат да го истакнат својот мачо менталитет било кога и било каде. Се гордеат со тоа и го сметаат како дар од природата.
Затоа, драги жени, добар фустан, вискои потпетици, средени нокти и коса не ве прават помалку компетентни и помалку сериозни.
Често поставувано прашање и изговор на многумина за несредениот изглед е беспарицата. Но нема да се сложам никогаш со оваа констатација. Повеќе би рекла дека тоа е само изговор за недостаток на волја да се биде малку креативен и да се извлече најдоброто од она што го имаме.
Голем дел од субкултурните движења почнале од сиромашните квартови и биле симбол на социјално пониските класи. Всушност, преку облеката ја испраќале пораката кон општествените елити. Уличната мода е еден од најиспиративните извори на креативност и не секогаш е дело на скапи парчиња облека.

Кога треба да испратам порака до читателите, често сум збунета, затоа што сакам да испратам многу пораки, не само една. Тешко може да се одбере која е поприоритетна.
Пораките кои сакам да ги испратам никогаш не се поврзани само со модата..Моите интереси се широки. Се движат од мода до политика, од спорт до феминизам итн.
Модата е мултидисциплинарен феномен.
Интересирајте се за светот околу себе. Следете се’ што се случува околу вас, имајте став, не бидете неми набљудувачи. Сонувајте со отворени очи и обидете се преку она најдобро што го знаете да смените барем еден мал дел од општеството.
И додека ја извршувате вашата мисија, изгледајте импресивно!!!
Со љубов Лили
Leave a Reply