Пишува: Лили Кадинска
Феноменот на модата често пати е потценет во однос на неговото вистинско значење. Најчесто е поврзан со облеката, да бидам попрецизна скапата облека која не можеме сите да си ја дозволиме и оттаму одбивноста и потценувањето на модата, како “симбол” на развратност и површност. Но, тоа е така само кога облеката е злоупотребена и се парадира со неа за да се покаже единствено материјален статус, а притоа се заборава на основната цел на облеката, како дел од модата, а тоа е себеизразувањето.

Замислете некој кој може да си го дозволи било кое уметничко дело, а нема никакво познавање од уметност. Тогаш се’ изгледа празно, бездушно и површно. Исто е и со облеката и со било што друго кога вистинската намена и улога се изманипулирани и искористени за погрешни цели.
И покрај тоа, мора да се каже дека во минатото облеката се користела за социјално и општествено разликување на класите, но за тоа би зборувале повеќе во некој следен текст од историска гледна точка кон модата и облеката.
Што е навистина модата и која е нејзината улога? Дали постои единствено објаснување за неа?

Како и повеќето феномени, така и модата не може да се дефинира само од еден аспект. Мора да се разгледа нејзиниот однос и поврзаност со други феномени и науки, како културата, дизајнот, уметноста, социологијата, психологијата, економијата, историјата, итн.
Ние се формираме како личности, следејќи го она што се случува околу нас, моменталните текови и трендови во сите горенаведени области и градиме ставови и размислувања. На тој начин ја дефинираме нашата припадност социјална, културна и општествена .

Филмовите што ни се допаѓаат, музиката што ја слушаме, луѓето со кои се дружиме, групите на кои им припаѓаме или не им припаѓаме, облеката која ја носиме, начинот на кој ја комбинираме.Тоа се нашите мисли и ставови. Се тоа е МОДАТА.
Белег на времето во кое живееме и уникатна шанса на личноста да биде смела индивидуа која нема да се плаши од промени, напротив ќе тежнее кон нив, ќе го привлекува вниманието врз себе доволно за да ја испрати својата порака и да се изрази без да користи зборови.
Со љубов Лили
https://www.facebook.com/lili.kadinska
инстаграм: lebrand.lebrand
Leave a Reply