Кратки, а понекогаш долги модни приказни- Моден дизајнер?

Кога добив понуда да пишувам за мода на Оз Зона, размислував каков ќе биде концептот на моите текстови. Решив дека нема да се занимавам со типични теми кои се третираат во поголемиот број на портали, списанија во деловите за мода како трендови, актуелни парчиња облека, мода на црвениот тепих, итн.

фотографија Владимир Видановски

Ќе се обидам да ја објаснам суштината на модата и модниот дизајн преку едукативен наратив. Модниот дизајн им припаѓа на применетите уметности. Исто како графичкиот дизајн, индустрискиот дизајн, дизајнот на мебел, итн.

Но, за разлика од сите погоре спомнати професии, модниот дизајн има една несреќа, посебно изразена кај нас, да се поистоветува исклучително со шиење на облека, само една од фазите на модниот дизајн, а модните дизајнери често се наречени шнајдери, шивачи.

Главно ваквите несреќни изјави упатени кон некој кој поминал најмалку четири години школување на некоја уметничка академија се сфатени како неуки испади.
За прв моден дизајнер се смета Чарлс Ворт  кој наместо  да ги следи желбите на своите клиенти, го наметнувал својот стил и својата имагинација за тоа како треба да изгледаат. Прв користел живи модели за промоција на неговите дизајни и шиел етикети со името на неговиот бренд. И тие парчиња облека повеќе не биле само обични парчиња туку облека од Куќата на Ворт (House of Worth).

фотографија Владимир Видановски

Ова е почеток на традицијата да имате личност која не само што ќе ја осмисли и изработи облеката што ќе ја носите туку исто така ќе претставува и симбол на тој моден бренд. Личност со кој ќе го идентификувате одредениот дизајн. Моден дизајнер. 

Со индустријализацијата како во сите други области, така и во модната индустрија се наметнува потребата од модни дизајнери, кои би ги решавале креативните и технички проблеми при производството на облека, од идеја, до реализација и нејзината крајна дестинација т.е купувачот. 

Дали е функционално парчето облека? Дали тој материјал е пријатен за носење? Дали е лесно и исплатливо за да се произведе овој дизајн од тој материјал? Дали тој дизајн е потребен на пазарот? 

Модниот дизајнер треба да поседува голем број на способности за да биде компетентен. Дел од нив  ги изучува на некоја од академиите по моден дизајн како градење на концепт, конструкција на облека,технологија на производство и негова организација, итн.

А, другиот дел е резултат на интерес за изучување нови нешта и себе информирање за разни културни и социјални сфери од живеењето. Тој  е креативен индивидуалец со далекосежна визија. Свесноста за потребите на пазарот ја формира преку темелно испитување и детална анализа на истиот. Дефинира целна група, гради концепт и ги пренесува своите идеи на хартија во вид на скица која мора да знае како да ја реализира во краен производ со сите меѓу фази.

Лоцира материјали, чии што својства задолжително треба да ги познава и прави прототип колекции со претходно подготвени конструкции. Приготвува технички пакети, кои ги содржат сите детали за моделот кој треба да влезе во производство, како техничка скица, основен материјал, помошен материјал и опис на парчето облека кои ги испраќа кај производителот.

Ова е универзалниот јазик на кој комуницираат дизајнерот и производителот и тогаш кога вербалниот јазик не им заеднички.

Во услови кога се работи за голем моден бренд или дизајнер со можност за голема инвестиција тогаш сите овие обврски ги извршуваат  голем број помошници, специјализирани за секој сегмент од процесот, но дури и тогаш модниот дизајнер треба да знае како да го изведе секој чекор сам и да го насочува својот тим. Кога се работи за самостоен дизајнер тогаш најголемиот број од овие обврски, а понекогаш сите се негова/нејзина должност.

Со љубов Лили

инстаграм: lebrand.lebrand

https://www.facebook.com/lili.kadinska

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: