Кога љубовта ќе ве повика, следете ја, иако нејзините патишта се тврди и стрмни. И кога крилјата нејзини ќе ве понесат, препуштете им се, иако мечот скриен меѓу нејзините перја може да ве рани.
И кога ви зборува, верувајте и’, иако нејзиниот глас може да ги разниша вашите соништа како што северниот ветер ја пустоши градината.
Бидејќи, како што љубовта ве крунисува, така и ќе ве распнува. Бидејќи, колку ви помага да растете, толку и ве потсекува. Како што ќе се искачува до вашите висини и ќе ви ги милува најнежните гранки што треперат на сонцето, така ќе ви се симнува во корењата и ќе ги протресе додека се припиваат за земјата.
Како снопови од жито таа во себе ве собира. Таа ве толчи за да ве оголи. Таа ве сее за да ве ослободи од вашите лушпи. Таа ве меле додека не побелите. А потоа ве става на својот светол оган, за да станете леб за Божјата света гозба.
Се’ ова љубовта ќе ви го направи за да ги дознаете тајните на своето срце и според тоа знаење да станете парче од срцето на самиот Живот. Но, ако во својот страв барате само љубовен мир и љубовно уживање, подобро ви е да ја покриете голотијата своја и да заминете од гумното на љубовта, во светот без годишни времиња, каде ќе се смеете, но не со полна насмевка и каде ќе плачете, но не со сите свои солзи.
Љубовта не дава ништо, освен себе и не зема ништо освен себе. Љубовта нема ништо ниту таа може да се има; Бидејќи, на љубовта и е доволна љубов. Кога љубите не треба да кажете:” Бог ми е во срцето” туку подобро: ” Јас сум во Божјото срце”.
И не мислете дека можете да управувате по пат на љубовта, бидејќи љубовта штом види дека сте вредни за тоа, управива со вашиот пат. Љубовта не мечтае за ништо друго освен за тоа самата да се исполни.
“Пророкот”- Халил Гибран
Leave a Reply