Кратки, а понекогаш долги модни приказни- Моден дизајнер vs брза мода

Сигурна сум дека сите ние како купувачи барем еднаш во животот сме си го поставиле прашањето зошто два или повеќе производи кои имаат иста намена, еве на пример две кошули, два велосипеди, два рачни часовници, итн. се со голема разлика во цената.

фотографија Душица Брачиќ

модел Сара Петровска -облека Ле Бранд

Причини има повеќе. Со оглед на тоа дека ова катче е за мода, а тоа е  мојата област нема да зборувам за велосипедите и рачните часовници туку за облеката. И покрај тоа што верувам дека и таму го има истиот причинско-последичен однос.

Многу често јас како дизајнер, а верувам и моите колеги сме соочени со клиенти кои негодувајќи на цената на парчето облека, победнички ќе истакнат дека си купиле сако од некој од брендовите кои промовираат брза мода за половина од цената која ја има на пр.сакото во дизајнеркото ателје.

И тоа на попуст. Што значи дека редовната цена на тоа сако купено од брендот за брза мода, кое е патем произведено во повеќе од 1000 парчиња, во нехумани услови со висок степен на експлоатација на жени и деца во некои од државите во развој е иста можеби и повисока од сакото произведено како едно парче или мини серија во ателјето на независниот моден дизајнер или помал моден бренд кој единствено ги екплоатира сопствениот труд, креативност и знаење. Ако е побрзо производството, тогаш се произведуваат поголеми количини од парчето облека, со што се добива пониска цена ама, толку е и помал квалитетот на самото производство, следствено и на крајниот производ кој стигнува до купувачот.

фотографија Душица Брачиќ

модел Сара Петровска- облека Ле Бранд

Сите сме купиле некое парче, за кое ќе кажиме скоро без пари, но по две-три носења може единствено да спиеме во него. Некаде прочитав дека била спорна реалната цена на дизајнерските парчиња во однос на овие од брзата мода, а и едните и другите ги користат истите производствени капацитети.

Точно! Има случаи во кои ги користат истите производствени капацитети. Но, за брендот на високата мода се произведуваат 10 000 парчиња, а за дизајнерот произведуваат 100 парчиња. Цената никако не може да биде иста за првата во однос на втората количина, која е драстично помала.

Дизајнерските брендови се борат за екслузивитет и ограничени серии. Ова е дел од нивната маркетинг стратегија. Секој купувач сака да поседува парче облека кое нема да може да се сретне на секој ќош од местото на живеење. Материјалите кои се користат за дизајнерската облека се со сертифициран, повисок квалитет  и стандардите за производство и контрола на квалитетот се строго  пропишани и задолжителни.

фотографија Душица Брачиќ

модел Сара Петровска- облека Ле Бранд

Дизајнерите поминуваат многу повеќе време во истражување, анализа и осмислување на еден дизајн или колекција прилагодувајќи ја ДНК-та на брендот со потребите на купувачите. Многу често се приморани да дизајнираат и направат повеќе алтернативи на едно парче облека, за на крај да одберат само една варијанта која ќе им ја пласираат на купувачите.

За разлика од нив, брендовите за брза мода само земаат одредено парче кое е најактуелно, го копираат и дури да стигне во продажба веќе се копира следниот тренд. Ова бара минимален креативен и интелектуален напор.

фотографија Душица Брачиќ

модел Сара Петровска- облека Ле Бранд

Има уште неколку причини заради кои дизајнерското парче облека е со повисока цена од онаа на брендовите за брза мода, но тие се однесуваат повеќе на статус  и стратегија за позиционирање на дизајнерскиот бренд. Целта ми е да кажам дека кога сте верни купувачи на брендовите за брза мода вие сте само бројка, а кога носите парче дизајнерска облека вие поседувате екслузивитет.

Со љубов Лили

инстаграм: lebrand.lebrand

https://www.facebook.com/lili.kadinska

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: