Кој го одредува вашето однесување, вие или вашата околина? Ако околината го одредува вашето однесување, секогаш ќе бидете условени да правите како што другите ќе речат.
Навистина тоа е еден од нашите најголеми предизвици на заедничкиот живот. Се плашиме да бидеме исклучени и подготвени сме се’ да направиме и се’ да жртвуваме за да бидеме дел од некоја заедница.
Но, што е тогаш со нашиот величенствен дар на слобода? Треба многу храброст за да пробаме да бидеме верни на себе. Иако ни се чини дека другите повеќе ќе не’ почитуваат ако работиме по нивно, на крајот ќе имаме поголемо почитување ако го покажеме својот интегритет.
Не можеме секогаш да танцуваме како што другите ќе ни свират, бидејќи постоиме поради својата задача, а не поради нивната. Таа задача треба да се извршува љубезно, храбро и чесно, иако другите за нас имаат свои желби и желбички.
На тој начин ќе покажеме дека сме навистина самостојна и слободна личност. Да бидеш свој е еден од најголемите предизвици кои се поставуваат пред човекот, посебно денес кога живееме во се потесен амбиент и околности.
Да бидеш свој значи да сфатиш кој си навистина ти и да одбиеш некој друг да ги одредува правилата на твоето однесување. Ако тоа нема да ти успее, секогаш ќе живееш некој туѓ живот, за на крајот да те дочека само жалење.
Луѓето пред смртта најмногу жалат што во животот повеќе не биле свои, што секогаш други го одредувале нивниот живот и што на крајот сфатиле дека на тој начин ја промашиле среќата. Среќата на крајната цел на човекот и ако ја посакуваме, знаеме кој пат е пред нас. Пат кој не е рамен, по кој не одат другите, пат кој треба вие да го расчистите.
by Рита
Leave a Reply