Колку е предолго?
Што е премногу?
Каде е тоа предалеку?
Каде е маѓата кога душата ти ја преместува од миг во миг?
Некои луѓе се вредни за суперлативи, затоа што не се свесни за тоа.
Ти дозволуваат да нуркаш во темнините и да зрачиш во светлините, само за повеќе да те сакаат .
Тие луѓе ти ги кинат синџирите и те пуштаат да се истрчаш низ нивните оази од спокој,за својот да го пронајдеш.
Тие се боговски срца заробени во бистри очи, кои ретки само можат да ги видат.
Во нив, сиот испотен блуд и анѓелска чистота, ткаат безвременски бајки.
Тие се музи на изгубените и на пронајдените творци.
Со нив е невозможно да си свој затоа што си предаден од првиот миг. Не затоа што те силуваат да бидеш повеќе туку од длабочините ти го корнат она кое всушност си бил уште кога на мајчина пупка си спиел.
Просто се пронаоѓаш, несвесен дека цел живот талкаш.
И нема лага во нивниот сјај кој не блешти.
Нема ни темнина кога им е мрачно.
Умеат со збор шарени ѓердани од смеа, радости, вистини, тајни, љубов, среќа, насмевки, нежности- на врат ти обесат.
Знаат да се тука кога и навистина ќе си заминат …
Но, секогаш така бива…Се нашле некои безимени среќници кои ги ништат катаден, а вистинските верници им гнијат некаде…
И ќе ви речам :
-Никогаш нема да е предолго ако ги чекате .
-Нема да е премногу она кое ќе им го дадете .
-Никаде не е предалеку да појдете за барем прегратка да измамите.
Рената Миленкович
Leave a Reply