За прв пат, се посветувам себе си. Ги ставам на страна сите проблеми, сите потешкотии. Научив да се борам за себе. Научив како проблемите кои се надвиснаа, да ме направат појака и поистрајна.
Знам дека во животот не постои човек без проблеми. Но, кој како ќе ги доживее, а богами и преживее. За неполни две години се случија многу тешки работи кои мене како мајка, ќерка, едноставно како личност во тој даден момент ме скршија.
Додека не го добив заслужениот таканаречен ‘шамар’ од своите деца- ‘Па и ние имаме мајка и ја сакаме назад’. Анксиозноста, депресивноста и самосожалувањето, едноставно во тој момент како да исчезнаа.
За оние што ги изгубив во неполна година, спомените ќе останат, за оние, што до срж ме повредија едноставно ги избришав, а за најмилите покрај мене, им се вратив со целосното мое постоење и сила зошто знам дека сум потребна.

Лошите моменти и лошите доживувања се само добра научена лекција за да се продолжи поцврсто напред. Кога човек чувствува немоќ, бара спас во самотијата. Сликите низ кои поминував за да спасам еден човечки живот, во таа голгота на тешка болест, ме научи да бидам јака и да глумам дека се ќе биде во ред, а беа само лажната слика за мене, која потајно ме уби одвнатре.
Тогаш и самиот запаѓаш во истата болест, се бориш, но без доволно сили за да успееш. Но, спасот се оние сеуште покрај тебе сакани, кои те враќаат назад, дека им требаш.
И, затоа се одбрав себе си, се одбрав за мојот живот кој може да биде премногу убав, исполнет со љубов од своите најблиски, која е единствен лек за човек да опстане и живее. Да се биде потребен е единственото нешто што човека го прави јак, во сите потешкотии.
Животот е убав, и јас го бирам својот. Сакајте се себе си за да можете да ги сакате сите околу себе. Насмевката давајте ја за да ви се враќа со насмевка. Бидете среќни за да ви се враќа со среќа. Ова е вистинскиот пат кој ќе ви укаже дека навистина вредите.
Личното искуство, е искуство на борба за опстанок и преживување, живот исполнет со стрес, потешкотии, дури и во дадени моменти губење на сопственото верување дека животот е убав.
Но, верувајте, Животот е убав.
Leave a Reply