Што значи да се биде сам, а што осамен?

Ако сме сами не мора да значи дека сме и осамени, но ако сме осамени тогаш сигурно сме сами. Да се биде сам, е повеќе гледано од физички аспект да не се биде со другите луѓе. Додека да се биде осамен е психолошка категорија, кога и во топла на луѓе ние може да се чувствуваме осамени.

Самотијата, може да ја гледаме како бегство. Понекогаш и без причина сакаме да бидеме сами. И тоа знае да биде убаво. Тоа може да ја искаже нашата потреба и желба да бидеме сами со себе. Чувство кога не ни треба никој или секој ни е од повеќе.

Да се биде сам е свесна одлука, и најчесто волна. А доколку сме сами, а тоа не сме го посакале, сепак не ни пречи.  Додека да се биде осамен значи да се има потреба да се биде со другите, но да се биде оневозможен.

Околу осаменоста, би ја спомнала потреба да се припадне во одредена група, која школски може да се најде како грегарен мотив, мотив на стадо.

Замислете детски роденден. Многу деца, едно детенце е само и само си игра. Притоа може да се забележи дека тоа му е пријатно, има насмевка на лицето и ужива. Тоа е негов избор и потреба да биде само.

Од друга страна замислете друго детенце кое исто така е само и се обидува само да си игра. На другата страна има група на деца кои си играат заедно. Но ова детенце нема насмевка на лицето, сигурно на оваа ситуација и претходеле низа на обиди да се вклучи во групата, но очигледно биле неуспешни. Па така безволно се обидува да игра само и 99% се чувствува осамено, односно е само и осамено.

Така некако би се диференцирале сам и осамен.

Многу често во животот знаеме да се почувствуваме осамени. И тоа во друштво каде никој не не разбира, во семејство кое не не подржува, со партнер кој не ни пружа доволно внимание. Всушност осаменоста се јавува како внатрешно чувство, а бидејќи најчесто е подолготрајно може да биде и расположение. Иако можеби чудно звучи, расположение на осаменост? Или безволност, неразбраност, збунетост, нејаснотија, лутина , разочараност, нереализираност, потреби….

Кога вие сте се почувствуваме осамени и зошто? Сте го препознале чувството или можеби сте го скриле некаде позади лутината или љубомората? Личноста која е осамена е многу полесно да стане љубоморна на туѓата среќа, затоа што  туѓата среќа ја потсетува на својата празнина, и таа празнина ја пополнува со љубомора.

Бидете свесни само своите чувства, кога се чувствувате осамено , признајте си го тоа пред себе, побарајте поддршка и внимание од тие околу вас. Нека не ве плаши ова чувство! Сосема е природно и сите ние сме го искусиле, некои лесно го надминале, а други завршиле со депресивно расположение. Вие одлучувате како ќе се насочите!

извор: psiholoskirazmisli

Leave a Reply

Up ↑

%d