Градинарот
Копнеам да ти ги кажам најдлабоките зборови што имам да ти ги кажам;
но не се осмелувам, стравувајќи дека можеш да ме исмееш.
Затоа си се смеам самиот на себе и тајната своја ја издавам на шега.
Лесно ја земам својата болка, стравувајќи дека тоа можеш да го направиш ти
Копнеам да ти ги кажам најверните зборови што имам да ти ги кажам;
но не се осмелувам, стравувајќи дека можеш да се посомневаш во нив.
Затоа ги облекувам во невистина и зборувам спротивно на тоа што го мислам.
Оставам мојата болка да изгледа глупаво, стравувајќи дека тоа можеш да го направиш ти
Копнеам да ги употребам најдрагоцените зборови што ги имам за тебе;
но не се осмелувам, стравувајќи дека нема да ми биде возвратено со иста мера.
Затоа ти давам грди имиња и се перчам со својата суровост.
Ти задавам болка, плашејќи се дека никогаш нема да дознаеш што е болка.
Копнеам да седам немо покрај тебе;
но не се осмелувам, зашто срцево ќе ми излета низ уста.
Затоа дрдорам и муабетам лесно, и го затрупувам своето срце со зборови.
Грубо ја земам својата болка, стравувајќи дека тоа можеш да го направиш ти.
Копнеам да те оставам засекогаш;
но не се осмелувам, стравувајќи дека можеш да го откриеш мојот кукавичлук.
Затоа гордо ја кревам главата и доаѓам весел во твоето друштво.
Постојаните стрели од твоите очи прават мојата болка да биде вечно свежа
Рабиндранат Тагоре
Leave a Reply