Можам се’ да научам, можам се’ да работам, кога добро ќе се подготвам, можам секаде да бидам, ако морам, но ако во мене нема глад за тој вид на знаење, за таа работа, тоа место или тие луѓе, тогаш нема поклопувања, така важни, за да лекцијата и работата дадат некаков плод.
Затоа немој да ми нудиш друштво ако сум сама, бидејќи не сум осамена. И немој да ми подаруваш ништо што не ти барам, бидејќи она што за тебе е среќа, за мене е можеби терет, кој го носам само за да ти удоволам, а всушност едвај чекам да побегнам, да се вратам себе си.
Немој со свои аршини, да го мериш моето задоволство. Те молам, немој. Сите сме ние овде за да ги пополниме своите празнини, но, знаеш, празнината е една, а исполнетост, има онолку колку што има човечки души.
Ако ме исполниш, со она што ти го сметаш за совршено, можеби ќе ми станеш непријател, ни крив ни должен, бидејќи не ми оставаш простор во себе, да го вдишам сопствениот живот. Без тоа, секое задоволство станува усуд, а јас тоа не го сакам. Јас се сакам себе. Ако ме сакаш и ти, само пушти ме да бидам таму каде што сум.
Не можеш дрвото да го поведеш на пат околу светот, за да му заблагодариш, за тоа колку ти е убаво и дека го сакаш, но можеш да го гушнеш, да се потпреш на него, да ги собереш слатките плодови, да уживаш во ладовина…
Можеш се’ што сакаш, освен да ме носиш со себе. На пат секој оди сам. Ако е патот во висина, се подразбира. Бидејќе мене само тој ме интересира. Сите други патеки, се излет со секогаш купена повратна карта.
Бранкица Дамјановиќ
Leave a Reply