Колку нашите срца се тесни, кога умеат да сакаат само еднаш во животот?.. Ме интересира, колку малку простор има во нив, кога може да се случи да нема место? Како не успеваме со љубов да го ‘разгазиме’ срцето, макар да не нѐ стега? За колку броеви ни е помало и зошто не го соблечеме, па да трчаме боси?
Немаме страв од тоа да бидеме повторно повредени, имаме страв од мал простор, нѐ гуши клаустрофобија. Се плашиме од самите себе. Тесно ни е срцето, нема место ни за нас, а камоли за други.
Го наполнивме со неоснована самодоверба, претерано самопочитување, пофалби од мајките, огледала и фрустрации. Не го проветруваме. Не го ѓубриме, со искрени бакнежи и силни гушкања, затоа е ‘слабокрвно’. Го потценивме. Наместо срцето, го храниме своето его, ја величаме суетата, наместо фантазијата, ги полниме мускулите, наместо батериите.
Никогаш не му даваме прилика. Го криеме како мајка копиле. А наше е. Се плашиме да го покажеме, она што е највредно. Не се плашете, никој не краде света работа. Пред него се клечи.
Зарем никој не ви рекол, дека тој што знае, што да прави со срцето, не се плаши. Знае, дека срцата се универзуми, кои непрестано се шират и во кои, има место за сѐ. Затоа нив ништо не е премногу, уште можат сѐ и сешто. А, вас на кои сѐ им е доста, кои ретко можете и ништо не смеете, вас ни трансплатација не ви помога.
Leave a Reply