Не заборавај, дека мора да бидеш видлива и потполна, ако сакаш луѓето да те забележат

Никој не не’ изневерува никогаш. Ние самите себе си се изневеруваме. Сега сигурно, почнувате да се лутите и имате безброј зборови за изговор. Но и вие, ја знаете вистината.

Мислиме дека секогаш е поради некој. Или нешто. И јас, поради тоа, секогаш верував, дека правам добра работа. Верував дека секоја моја одлука, да бидам малку помирна, понормална, покласична, стандардна, малку обична, помалку гласна, повеќе на располагање, прилагодување е сосем ОК. И за мене. И за другите. И го правев тоа со години. Бидејќи мораш да се стопиш, за да преживееш. Така велат. Така бараат.

Убаво некој ќе ме замоли и јас, токму кога ќе посакам да ‘зафатам’ на некоја друга страна, да ги сменам плановите, сепак, одлучувам да одам, таму каде што сум ‘најпотребна’. Понекогаш ме бараа гласно и со прекор, па јас со големо чувство на вина, се откажував од одмор, слободно време, од своите желби и планови. Често се смеев на шегите, ги подржував одлуките кои се донесуваа, бидејќи ете, ‘мои се’ и ‘морам’ да ги подржам.

Понекогаш разменував допири, иако не чувствував дека моето тело, ниту рацете, моите усни, го посакуваат тоа. Не беа мои моменти. Беа негови. Јас само, понекогаш, мислев дека се мои.

Никогаш толку често, не го кажував ни своето мислење, бидејќи застанував, во страв, што ќе мислат за мене. Кој ќе се откаже од мене. Многу вистини проголтав, а многу лаги потврдив. Несвесна дека тоа го правам.

Најчесто ги менував своите планови во текот на неделата, викендот, дури и денот, ако некој толку уверливо, со доволно голема насмевка, доволно упорно, ми ги наведе своите причини, зошто треба да го направам она, што ми го предлага. И јас, покрај тоа што телото врескаше за одмор, сон, тишина, ги игнорирав своите гласови и чекорев, по звукот на нивните зборови.

И длабоко верував, дека луѓето се среќни што сум тука поради нив, што им давам време, простор, енергија. Да видат тие, колку се трудам и колку сум за нив тука. И тоа ми го зборуваа. Дека се среќни. Секако дека се, работев она што сакаа.

Истовремено бев фристрирана. Понекогаш и лута. Не знаев зошто. Чувствував дека нешто ми се зема, дека давам, а не добивам доволно. Не знаев кој ми зема, ниту знаев што ми земаат. Обвинував, а за тоа не бев свесна. Ги обвинував сите други, политика, држава, работа, директори, партнери.. Не знаев кој е виновен и зошто е виновен за моето чувство на празнина. Осудував, тивко и скриено. И повторно не знаев дека тоа го правам. Така беше…долго.

И тогаш во еден момент од мојот живот се’ се смени. Бев подготвена да ‘прогледам’. Во тој конкретен момент многу јасно и чисто видов, дека како луда бев, во потрага за само една работа. Да бидам сакана. Прифатена. Видена. Да ме почувствуваат. Таа потреба другите да ме прифатат, сакаат, да ми дадат подршка, разберат, своето слободно време, разговор, како потреба на несвесното. И апсолутно ја имаме. Вродена е.

И не ми кажувајте, дека секогаш сте во својата вистина и секогаш не го ‘пеглате’ она што го мислите, дека секогаш го правите она што ќе почувствувате, дека искрено ги љубите, оние кои во тој момент посакуваат да ве љубат вас. Бидејќи знам дека не е вистина. Сите ние взаемно, почесто, паралелно, понекогаш жестоко, понекогаш малку, се одрекуваме и се лажеме себе. Зошто? Бидејќи, до крајот на животот сме во постојана потрага за светиот грал. А тоа е љубов. Прифаќање на нашата личност. Се’ она што сме.

И на крај, оној кој требаше да ми каже за тоа – бев јас, на самата себе. Оној кој го гаснеше моето светло, бев јас. Оној кој се откажуваше, бев јас. Оној кој ме разболуваше, бев јас. Беше тоа болно и отрезнувачки, но и исцрпувачки.

Од тој еден ден, почнав да си дозволувам себе си, се’ она што барав од другите, во тишина. Учев како тоа се прави секој ден. Од почеток. Почнав да си простувам себе, што се откажував од своите зборови, барања, потреби, одмор, слобода, задоволство и почнав да им простувам.

Нив, од кои очекував, да добијам нешто, што никогаш не било нивно за давање. Не беше лесно..но сега на крајот, е слатко. По малку борба со ветерниците, по многу паѓања и станувања, оној кој конечно виде дека има шарени, големи сјајни крила бев јас. И навистина, онаа вистинска Твоја љубов, доаѓа тогаш кога ќе се гушнеш себе си. Себе, како најголем дар, за тебе од Бог.

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading