Еднаш одамна, во една од блискоисточните земји, според еден древен суфистички расказ, живеел крал, кој бил постојано растргнат помеѓу среќата и нерасположението. И најмала ситница можело да го вознемири или да предизвика интензивна реакција, а среќата за кратко време, му се претворала во разочарарување и очај.
Кога најпосле, кралот се уморил од себе и од животот, започнал да бара излез. Го повикал мудрецот, кој живеел во неговото кралство и за кого се зборувало дека е просветлен. Кога стигнал мудрецот, кралот му се обратил: -‘Сакам да бидам како тебе. Можеш ли да ми дадеш нешто, што во мојот живот би донело рамнотежа, ведрина и мудрост? Ќе ти платам колку што ќе побараш’.
Мудрецот одговорил: -‘Можеби би можел да ти помогнам. Но, цената е толку голема, што ни целото твое кралство нема да е доволно. Но, ќе биде подарок, доколку знаеш да го цениш’.
Кралот го уверил во тоа и мудрецот заминал. После неколку недели, се вратил и му дал на кралот кутија украсена со жад. Кралот ја отворил кутијата и во неа нашол, едноставен златен прстен. На прстенот биле врежани зборови. Пишувало: ‘И тоа ќе помине’.
-‘Што значи тоа?’ прашал кралот. Мудрецот одговорил: -‘Секогаш носи го тој прстен. Што и да се случи, пред да стигнеш да кажеш дали е добро или лошо, допри го прстенот и прочитај го натписот. Така секогаш ќе бидеш смирен.
И тоа ќе помине. Што има во тие едноставни зборови за да бидат толку моќни ? Ако ги набљудуваме, изгледа, дека иако во тешка ситуација даваат некаква утеха, истовремено го намалуваат задоволството во убавите работи. ‘Немој да си премногу среќен, бидејќи таа среќа не е трајна’. Изгледа ова ни го порачуваат ако го примениме во ситуација, која ја сметаме за пријатна. (…)
Врежаните зборови на прстенот, не ви кажуваат, дека не треба да уживате во убавините на животот, а не им е ни цел да ви дадат утеха кога страдате. Имаат и подлабока цел- ако станете свесни за краткотрајноста на секоја ситуација, која е последица на минливоста на сите облици, помалку ќе се врзувате за нив и до некаде, ќе попушти и вашето поистоветување со нив.
Неврзаноста не значи, дека не можете да уживате во убавините кои ви ги нуди светот. Напротив, ќе уживате уште повеќе. Еднаш кога ќе ја увидите и прифатите минливоста на сите работи и неминовноста на промената, ќе можете да уживате во задоволствата на светот додека траат, не плашејќи се од загубата и не чувствувајќи тешкотија поради иднината
Leave a Reply