Иднината им припаѓа на оние, кои веруваат во убавината на своите соништа

Што е животот, лавиринт на нашите соништа можеби? Кој пак живее од соништата? Можеби јас, некој или никој!

Едно сигурно знам, соништата се како пулсот, се додека го чувствуваме  надвор сме од животна опасност, се додека сонуваме значи живи сме!

Светот е сурово место, условот за постоење е борба, постојано да се бориме и да се бориме. Во нас и да нема ни атом сила, борбата продолжува и кога се’ мириса на крај. Светот станува убаво место само за оние кои ќе преживеат, за јунаците. Знаете ли кои се јунаците? Сите, сите ние сме јунаци! Секој од нас води свои битки, не една туку илјада и една, преживува и добро и лошо, се кршат копја, секој од нас е повреден и носи рана на душата.

Сведоци сме на неправда, но проклето, гриземе усни велејќи си во себе, што можам јас? Можеби и тоа малку станува многу, кога ќе престанеме да глумиме бескорисни суштества, заробеници на навиките и правилата. Реков правила, не реков туѓи, наметнати, не реков ограничувања и врзување на рацете во јазол. Тој јазол дури постои, животот ќе ни е сопствената ќелија. 

Имаме страв дека ако излеземе од тоа наше “сигурно си е сигурно” работите ќе тргнат по зло, каква заблуда! Што ќе ни се лажните зими, зар ние не ја чекаме вистинската пролет! Еден чекор повеќе и поблиску сме до врвот.

Но за жал, на памет научивме сопствениот дух да го згазиме и угасиме како цигара покрај пат, на усни да ставиме фластер, да не прозборат, навидум полесно ќе поминеме во животот. Не престанавме да го поврзуваме поимот среќа со материјалното. Да, се наоѓаме во киното наречено 21 век, но не мора да го гледаме филмот каде улогите се сменија, парите имаат вредност, а луѓето цена.

Чекаме коцките да се поклопат, уште една наша заблуда! Животот е задача, во несовршеното да најдеме убавина. Кој вели дека се мора да е совршено? Впрочем, совршенството не постои, совршено сме несовршени и во таквото себе треба да се вљубиме. Од утре оваа, од утре онаа, ви звучи познато?

Тоа утре постои само во нашата глава, тоа утре е сега, овој момент и ништо повеќе не ни треба. Однесувајте се како писатели на сопствениот живот, на сопствените правила затоа што тоа и сме. Се дури срцето чука во градите, крвта тече низ вените, под оваа небо ќе има место за сите нас. Се дури има зајдисонце, ќе има и изгрејсонце, не грижете се. И не плашете се, единствено ако сте посилни од стравот да го напуштите брегот од видик, ќе препливате нови океани.  

   Калимеро

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading