Браво Малечка!

Да, убаво слушнавте, браво Малечка!

Секоја жена заслужува, еднаш бар на ден да си каже, браво Малечка! Секој ден е нова борба, се бориме да бидеме успешни, доволно добри ама баш во се’. Добри во работата, љубовта, во пријателските односи, без да се прашаме какви сме кон самите себе.

Растргнати на сите страни, на крајот од денот најмалку добри сме кон себе. Како да ја имаме сета одговорност на овој свет, за се’ и секого се грижиме и грижиме, а себе се ставаме на “почесно” место последно.

Кога последен пат седевте дома и ја гледавте омилената серија без око да ви трепне, без да се грижите за оваа или онаа, така сами со себе, кога? Или пак пуштивте музика без да помислите на комшиите, што ќе речат, дали ќе ве направат луда, дали се забавувавте како тинејџерка, дали пак за момент имате дваесет години? Си купивте ли нешто за себе, некој фустан макар и за по дома?

Не можете да дадете одговор…Толку одамна било што веќе и не се сеќавате…Зошто? Зошто го посветивте животот, да им угодувате на другите, да ги правите среќни, да бидете фер, да вложувате вончовечки сили се да постигнете, оптоварувајќи се како да сте од железо, а не човек од крв и месо, а најмногу емоции. 

Кога се’ ќе соберете и одземете, неретко заклучокот е едно големо, големо разочарување. Пред да бидете добри кон другите, треба да бидете добри кон себе, така гласи легендата за секоја пожртвувана жена. 

Уметност е да кажете НЕ. Кажете НЕ на работата која не е за вас ниту вие за неа, која ви го прави животот, преживување. Ги нема тие пари на овој свет кои ќе ви го вратат здравјето, волјата, трпението и секако нервите кои се трошат како алва.

 Кажете НЕ на второто лице, третото или колку и да имаат лица луѓето. Кажете НЕ на “енергетските вампири” околу вас, кои ви ја убиваат харизмата и ве прават способни за ништо. Кажете НЕ на љубовта која ви задава болка, се’ што е лош компромис престанува да биде љубов. Не дозволувајте илузијата која ја нарекувате “љубов” од вас да направи жив мртовец. 

Кажете НЕ и Не и сто пати НЕ , на се што ве притиска и гуши, сите лоши врски, било какви, со било кого, било каде! Гордо како никогаш до сега кажете НЕ! За првпат слушнете го вашиот глас и направете нешто добро, ама овојпат за себе! Ослободете се за почеток! Ослободете го вашиот дух заробен меѓу погрешни луѓе, на сосема погрешно место и време! 

Време е за вас, за нешто вистинско без рок на траење! Не трошете веќе ни милисекунда на луѓе кои ги гледате како Господ, а тие немаат ни благодарам. Впрочем, не ви треба нивно “благодарам”, не ви требаат тие воопшто. Пуштете вода после некои луѓе! Извинете се на самите себе и почнете ваш почеток! Не заборавајте секој ден и навидум најобичниот заслужува БРАВО МАЛЕЧКА! Ваш живот, ваша сцена, оставете ги сите без текст! 

Не чекај: 3,2,1,0 почни да го освојуваш светот!

 Калимеро 

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading