Jaс не сум непобедлива, најхрабра, најсилна… некогаш и јас се распаѓам

‘Не се плашам јас за тебе’.

Често ја слушам оваа реченица за мене, од другите.. Да, не се плашат тие за мене. Да, веруваат во мене. Им благодарам. Но, си благодарам и себеси, бидејќи (пре) рано докажав, колку сум јака и способна. Да, драго ми е што не сум неспособна и повеќе од тоа што ќе си зацртам и остварувам, поднесувам, издржувам, но…. и на тоа некогаш ќе му дојде крајот.

Ќе ти се смачи да бидеш јака, храбра, неуништива. После се’ што ми се случи во многу краток период, посакувам да можам да се распаднам и некој, да се плаши и да се загрижи за мене. Малку да бидам неспособна, да ми треба помош, некој да ме разгалува со храна, гушкања, разговори, топли зборови..

Не велам дека некои тоа не го прават, но се’ е некако во стилот ‘не се плашам јас за тебе’ и некогаш тоа притиска додатно на теретот кој веќе е на мојот грб. За мене тоа ‘не се плашам’ станува некоја норма која морам да ја задоволам. Самата си поставив ниво многу високо, веројатно несвесно и луѓето секогаш се чудат што се’ буквално поднесувам.

Се чудат што се смеам, се шегувам, отворено зборувам и пишувам за вртлогот на емоции и сеќавањата, во кој се наоѓам во последно време. Ги подигам критериумите и сега нема назад, морам истите да ги задоволам.

Мислам, не морам, јасно ми е дека не морам. Се’ додека не испукам по шавови. И тогаш сите се повторно полни со разбирање, бидејќи не е нормално, ниту здраво, да се прати тоа темпо. Секако дека ти треба одмор и пауза, секако дека имаш право да се распаднеш.

Не се плашат за мене, но јас токму поради тоа уште повеќе се плашам. Што ако не сум така јака, како што си претпоставуваат? Што ако сите тие кои така ми рекле, всушност само умислиле дека сум храбра и дека можам и без нивниот страв и грижа? Што тогаш?

На кој да му се обратам, ако очекуваат дека можам се’ и како да ме сфатат сериозно, кога не ми се станува од кревет, бидејќи не ми е денот.. А има денови кога за ништо не ме бива. Ниту да јадам, ниту да се јавам на телефон, ниту да се истуширам.

Некогаш такви денови има повеќе, некогаш помалку, но ги има. И тогаш, кога ќе ми кажат дека не се плашат за мене, бидејќи можам се’, се присеќам на тие денови кога посакувам да не станувам од креветот.

Сакам да се ‘плашат’ и да се грижат, бидејќи не сакам повторно да паднам во кревет безволна, не сакам да се заклучам во станот и да не излегувам со месеци. Сакам да знаат дека не сум непобедлива, најхрабра, најсилна и некогаш и јас се распаѓам, а со нивното ‘не се плашам јас за тебе’ го кочат процесот на распаѓање, кој ми е потребен за повторно да се составам.

Се распаѓаш па се составуваш, во меѓувреме малку се плашиш, но имаш подршка и луѓе ‘фластери’, па си појака отколку порано. До следниот пат, дајте си распаѓање и составување.

Лола

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: