Еден ден, другар…..

Еден ден, другар ќе се разбудиш во истиот тој кревет за двајца, перницата уште ќе го има нејзиниот парфем од јасмин, ама таа, таа нема да е тука. Сигурно некаде далеку ќе биде и најверојатно среќна. Ти не и’ донесе баш среќа, нели?

Еден ден пак, ќе гориш од желба некаде да ја сретнеш, било каде  да ви се вкрстат патиштата, макар и од далеку да ја видиш. Ќе лудуваш по тие смарагдни очи кои те сакаа со секој поглед, допир, кои го гледаа само доброто во тебе, само доброто.
Еден ден ќе сакаш да зготвиш макарони, ќе се сетиш дека беа нејзиното нај најомилено јадење. Ќе ти застане кнедла во грлото, не е лесно само да се сеќаваш, а веќе да ја немаш крај себе! 

Милион зошто, да ја чуваш, ама ти другар….. 
Еден ден на радио ќе ја слушнеш вашата омилена песна, ама веќе нема да сте множина. Таа ќе има свртено нов лист, каде не го пишува твоето име.

Еден ден ќе се занесеш, ќе тргнеш да и се јавиш ко некогаш, ама таа за тебе ќе биде само недостапен корисник. Гласот нејзин ќе ти фали другар, срцето трепереше нели? 
Еден ден ќе го гледаш албумот со  вашите слики,  ќе се стркала некоја машка солза кога ќе ја видиш љубовта во неа. За тебе беше таа љубов другар, за тебе!   

Еден ден ќе сфатиш колку си бил малку во нечии срца, само во нејзиното премногу!  Еден ден, тоа е само еден ден, кога веќе ќе биде доцна, многу доцна другар. 
Посакај и’ ја целата среќа на овој свет, посакај и’ да има некој чиста спротивност од тебе, кој ќе сака секоја секунда, секоја минута, секој час, цел живот! Можеше да бидеш и ти тоа другар, ама остана само тоа “можеше”. 
Сега е доволно да се трудиш да бидеш подобар човек, тоа ти е нејзин аманет. Можеби пак некогаш и некаде ќе те сака, секако не во овој, во некој друг живот. 
 

Калимеро 

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: