Извади ги тие окови кои сам си ги ставаш. И живеј го животот по свои мерила

Се изневеруваш себе си, кога ја продаваш својата среќа, газиш по своите соништа, ја гушиш својата страст. Го замолчуваш оној внатрешен глас и го гаснеш огнот во себе. Желбата за живот. Вистинското живеење, радост и среќа. Онака баш искрено во склад со себе.

Кога очите повеќе не ти сјаат и кога не веруваш дека има надеж за тебе. Кога во животот ги исполнуваш повеќе желбите на својата околина, отколку своите.

Кога ја исполнуваш формата, а ти самиот не си исполнет. Кога дишеш, а не живееш. И се гушиш во изобилство на вина па тонеш се’ подлабоко. Па ги обвинуваш сите други, некои свесно, а некои несвесно.

А најлошо е што знаеш во длабочината на душата, дека тоа е твој избор и дека можеш поинаку. Само ако се слушнеш себе и да бидеш малку похрабар, малку поодлучен.

Ќе те утеши спознанието, кога ќе ти каже некој дека работиш најдобро што знаеш. Точно да. И има надеж за тебе. Сигурно има.

Секој ден е нов предизвик. Секој ден се почнува од почеток. Ништо не е непоправливо, бидејќи додека дишеш можеш да одлучиш и да направиш нешто во поинаков смер. Не мора да живеш во пекол кој сам си го создаде.

Ако ништо друго, тогаш барем да сфатиш дека исто така можеш да создадеш Рај. Прво во себе, во своето срце и ум, па тогаш и во својата околина. Никогаш не е доцна, никогаш. Само така треба да одлучиш.

Одговорноста е твоја. Не може никој да ти ја задуши среќата, освен ако ти тоа не го дозволиш. Бидејќи колку и да мислиш дека се жртвуваш за твоите најблиски да бидат среќни, запомни дека ништо не може да им дадеш ако сам не си среќен. Вистински среќен. Само така можеш да донесеш убаво во нивниот живот. Се’ друго е за џабе.

И се чувствува дека Тоа не е тоа. Бидејќи не можеш да ја сокриеш енергијата со која зрачиш. Ако и самиот си во мрак, не можеш да го осветлиш другиот. Никако. А знам дека сакаш. И знам дека можеш. И знам дека имаш најдобра намера.

Само прво тргни од себе. Извади ги тие окови кои сам си ги наметнуваш. И живеј го животот по свои мерила. По свои вредности. Исполнет и среќен.

Тоа е единствен рецепт. И тогаш, ако така навистина живееш…еднаш кога ќе си одиш, нема да се каеш. Нема да жалиш што не направи ова или она. Нема да тагуваш за потрошеното време. Бидејќи ќе знаеш дека си живеел. Вистински!

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: