Биди своја…знаеш дека за секој не можеш да бидеш добра

Еден ден ќе се разбудиш и ќе видиш дека си сама. Со себе. Еден ден ќе мора да застанеш пред огледало, за да си објасниш себе си зошто помалку се грижеше за себе. Зошто потребите на другите, беа пред твоите. Не е тоа несебично и добро. Тоа е глупо.

За тебе никој нема да се грижи, ако ти тоа не го направиш за себе. Не затоа што другите не сакаат, туку затоа што мислат дека не ти треба. Не знае никој што се крие позади насмевката. Позади ‘Можам јас тоа’, ‘Добро сум’, ‘Остави, сама можам’ , ‘Не мораш’.

Можеби овој свој живот не го живеев најпаметно, но се трудев. Да се разгалувам себе си. Да се сакам. Да си угодувам. Иако некогаш ми беше навистина тешко со мене. Иако имаше години кога моите потреби беа неважни и толку зад сите, што си мислев дека ништо повеќе не ми треба. А ми требаше.

Секогаш се сеќавам на реченицата која еден човек, кој во еден момент го допре мојот живот, го сврти однопаку и ги разбуди сите оние работи кои спиеа во мене- ми рече додека ме тешеше: ‘Не ти треба ништо повеќе, освен раце кои се доволно блиску, за да можат да те гушнат, во моментите кога си најмногу беспомошна’.

Тоа е најголемата вистина на човечкото срце. Толку раце турнав од себе, што заборавив дека гушкање е се’ што ми треба. Некој кој никогаш нема од свои себични интереси да те ограничува. Повреди. Обезвредни и да те направи помалку вредна. Некој кој никогаш нема да биде љубоморен на тебе. Некој кој ќе те чува. Кој ќе ти каже: ‘Немој така, тоа не е добро’ и нема да има никаков скриен интерес, освен да ти помогне.

Пречесто во овој живот се носиме до работ, до граници на издржливост, непријатност, мислејќи дека така треба. Забораваме дека имаме само еден живот и непознат број на денови кои Бог ни ги додели. Па, само трчаш. На работа. Дома. Во некои лоши и неискрени односи. Слушаш проблеми кои не те интересираат и те замараат. Се трошиш. И себе и своите денови. Секоја минута без врска.

Кога последен пат си застанала да ги видиш ѕвездите и да го дишеш убавиот планински воздух? Кога последен пат сите ги прати во….и беше своја најдобра верзија? Можеби таа ‘Најдобра’ не му се допаѓа на никој, но тебе ти е супер.

Да можев да вратам некои денови од животот назад, ќе си ги гушкав малку повеќе своите пријатели. Ќе учев помалку. Немаше да се грижам толку. Ќе прекршев некое наметнато правило. Помалку ќе се плашев. Немаше да гушкам некои луѓе. Ќе прескокнев некои бакнеж. Ќе пуштев некои токсични луѓе. Помалку ќе плачев. Повеќе ќе се забавував. Ќе дадев отказ. Немаше да се форсирам да бидам верзија која другите ја посакуваат. Немаше да ги барам тие раце да ме гушкаат кога сум беспомошна така често. Ќе се гушкав себе, додека не се убедев дека не сум беспомошна. Колку сум силна и да се присетам дека можам се’ сама. Но, назад не можеш.

Единствен пат е оној кој го имаш пред себе. На кој не знаеш колку има скалила. Колку уште насмевки, солзи, препреки и непроодни патеки. И затоа мораш храбро. Со себе и поради себе.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: