Луѓето ќе те напуштат кога ти е најтешко, а се чудат кога ќе успееш сам

Сите ние во нашите животи сме доживеале некој да не’ навредува, зборува лошо за нас, шири невистини. Кога до нас ќе дојдат такви приказни, или уште полошо, кога во живо слушаме како некој не’ навредува, се чувствуваме тажно, а често влегуваме во расправија. Се браниме. Возвраќаме, го навредуваме оној кој не’ навредува. Не бираме зборови. Кажуваме тоа што мислиме, а и она што не мислиме. Сакаме да ја повредиме таа личност. Сакаме да ја боли, онака како нас што не’ боли.

Она што мене ме интересира е… Зошто мене ме боли? Зошто ми е важно, она што некој го зборува? Зошто ме боли, кога некој ќе каже дека сум ваква или таква, особено кога знам дека тоа не е вистина?

Прво ми се јавува чувство за правда. Не само кога јас сум во прашање, туку и кога некој друг е во прашање: ‘Не, тој не е таков. Не зборувај така’. Сакам да ги исправам работите. Мене, лично, пред неколку години, кога некој ќе ми кажеше нешто лошо, ќе се навредев, бидејќи имав комплекси и ниска самодоверба, па го прифаќав муабетот како вистина. Мислев дека е сигурно вистина. Бидејќи јас сум таква и таква. Всушност, зошто тоа некој би го рекол?

Денес не е така. Денес кога некој ќе ми каже некоја мизерија, од типот ‘глупа си’, мене ми е тоа смешно. Јас знам дека не сум глупа. Зошто тогаш би ме навредило, кога тоа некој ќе ми го рече? Исто така, зошто ми е важно мислењето на некој кој зборува такви работи за мене? Зошто сакам таква личност покрај себе?

Денес знам, дека кога некој зборува лошо за мене, тој всушност зборува за себе, не за мене. Да мисли убаво за себе, нема да има потреба да зборува лошо за мене. Ми е жал за луѓето кои имаат потреба да го ‘здробат’ другиот за да се издигнат себе си.

Почитувајте се прво себе си, а потоа другите. Кога себе си се почитувате, тогаш ќе знаете и другите да ги почитувате. Луѓето ‘мирисаат’ ако не се почитуваат себе си, покажуваат исто такво непочитување кон вас.

Луѓето се незадоволни и фрустрирани во себе. Имаат потреба некаде да го исфрлат своето незадоволство и ако вие налетате, вие сте метата..

Погледнете во себе. Колку пати вие сте имале потреба за тоа? Да го исфрлите цело свое незадоволство? На колеги, минувачи, пријатели? Чувствувате недостиг на самодоверба, и првиот што ќе помине, ќе го навредите и ќе ја надоместите својата несигурност.

Исправете се. Кога ви се нејасни туѓите постапки, само сетете се, дали и вие го правите истото. Среќниот човек нема потреба да ги навредува другите. Тој е среќен и единствено што сака и другите да бидат среќни.

Ако мислите дека е среќен, затоа што ги навредува другите, не е, тој всушност е длабоко несреќен. Следниот пат кога ќе слушнете некој да зборува против вас, воздржете се од возвраќање со иста мера. Што имате од тоа што го навредувате? Всушност, оние кои слушаат како навредувате, нема да имаат почитување кон вас. Повеќе ќе ве почитуваат ако не возвратите.

Кога навредувате, вие давате за право да ве навредуваат. Всушност, кога не навредувате, сами себе повеќе ќе се сакате. Сами себе ќе си честитате, ќе почувствувате како сте подобра личност.

Човекот убаво се чувствува кога ќе направи нешто добро.

Знам дека боли кога ќе слушнете такви работи, но од спуштање на ‘исто ниво’ со навредувачот, не покажувате ништо друго туку мизерно ниво. А вие сте многу повеќе од тоа.

И уште една работа. Ако имате околу себе луѓе кои ве навредуваат, запрашајте се зошто се до вас? Зошто се казнувате со нив? Што е тоа во вас што мисли дека заслужува такви луѓе во својата близина?

Осветлете ги во себе одговорите и тргнете се од такви луѓе. Никој не заслужува да биде навреден, да се иживува на него. Гледајте во ѕвездите, не гледајте долу како многумина, во ѕидовите кои ве ограничуваат, туку во ѕвездите кои покажуваат дека граница нема.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: