Оној кој дава љубов не губи, туку оној кој не знае да ја прими

Љубовта е смислата на животот. Љубовта е она што не’ придвижува да работиме, да создаваме, да правиме деца, да му помагаме на другите и на себе, да учиме, да се развиваме и стануваме здрави и среќни. Љубовта е тесно врзана и за љубовта кон семејството, саканата личност, пријателите или кон други луѓе.

Љубовта постои во се’ што не’ опкружува, љубов кон се’ што постои, љубов кон самиот себе, љубов кон работата, Бог, Универзумот и кон животот воопшто. Кога така гледаме на љубовта тогаш ни е јасно зошто љубовта е смислата на животот, постоењето, здравјето и среќата.

Луѓето кои се полни со љубов се здрави, се развиваат, носат добро за себе и својата околина а оние кои страдаат од илузијата за љубовта се несреќни, имаат проблем со здравјето, со самите себе и другите.

Што е љубов?

Пред да кажеме што љубов не е, односно што е илузија за љубовта треба да се каже што љубовта е. Љубов не е ни мисла, ни чувство, ни состојба, ни однесување. Мислите, чувствата, однесувањето и состојбите се само израз, манифестација на љубов. Љубов е присутност, прифаќање, единство со себе, со другите и Универзумот, потполна предаденост, без зависност.

Љубов е кога даваме, а не бараме ништо за возврат. Љубов е слободен чин на давање во кој уживаме и кој не ни преставува никаков напор, туку напротив не’ исполнува нас. Вистинското исполнување може да дојде само од љубов. На пример, ако работите со љубов, работата за вас претставува исполнување, секоја ваша активност ве исполнува, ви дава смисла, сила и мотивација.

Луѓето не работат само поради пари. Парите се потребни за живот во општествениот систем, кои луѓето ги смислиле и во таа смисла е важен, но парите не се сами по себе цел туку средство. Луѓето кои сакаат, работат со љубов и тоа ги прави среќни. На пример, постојат луѓе кои имаат толку пари, што не мораат воопшто да работат. Повеќето од нив сепак работат, се занимаваат со она што сакаат, а тие кои не работат паѓаат во депресија, бесмисла. Љубовта низ работа дава смисла на постоењето.

Од друга страна љубов е и нашиот однос кон другите, семејството, пријателите, клиентите, Бог и универзумот. Љубовта е нераскинливо поврзана со слободата. Љубовта е слобода, љубовта не може да се искаже без слобода. Секоја зависност ја блокира љубовта.

Љубовта е, да се биде едно со сите, а воедно да се биде слободен од се’, бидејќи љубов е постоење, движење, а не живот во чаура.

Што е илузија за љубовта?

Многу луѓе страдаат од илузијата за љубовта. Додека љубовта е само една, илузии за љубовта има многу. Во овој текст ќе се обидеме да ги наведеме оние најчести, оние илузии кои на луѓето им создаваат страдање, болка и ги спречува да бидат среќни, здрави и да се развиваат.

Вредам онолку колку што сум сакан, од за мене важни луѓе- тоа е една од најчестите и скриени илузии во која многу луѓе цврсто и имплицитно веруваат. Личноста која себе се вреднува и се споредува со други луѓе, е личност која верува дека не е доволно сакана. Тоа секако е илузија, бидејќи личноста која не добива толку љубов колку што сака, од за неа важни луѓе ( родители, роднини, партнер итн)  не значи дека не може да биде сакана од некои други луѓе. Верувајќи дека не заслужува љубов, човекот своето уверување го потврдува во реалноста. Привлекувајќи и бирајќи луѓе, кои не можат од разни причини да го сакаат, низ искуството го потврдуваат своето почетно уверување.

Од каде на луѓето уверување дека не можат да бидат сакани или нешто дека им недостасува, поради кое, не можат да бидат сакани воопшто или онолку колку тие сакаат?

Тоа уверување потекнува од детството. Дете кое не е сакано од родителите (не му посветуваат доволно внимание, отсутни се и сл.) има впечаток дека е лошо, бидејќи детето не може да размислува критички и да сфати, дека всушност нешто не е во ред со неговите родители, а не со него. Детето го тумачи отфрлањето како личен дефект и отаму потекнува основата за идното чувство на помала вредност, односно анксиозност и депресија. Детето не знае како да се носи со таквите чувства и мора да ги потиснува. Подоцна кога детето ќе стане возрасен човек има шанса да се промени, сфаќајќи дека болните чувства не го одредуваат нужно идентитетот на личноста, дека љубовта е присутна сега и овде, дека не е резервирана за одредени луѓе и дека секој има право на љубов.

Многу важен столб на менталното здравје е љубовта кон себе. Таа љубов не е нарцизам или заљубеност во себе. Нарцизам е карикатура на самољубието. Таа е предуслов за љубов, лична благосостојба и душевен мир.

Да се сакаш себеси, значи да се прифатиш себе во секој момент, во сите свои состојби и изданија безусловно. Само личноста која себе се прифаќа во потполност, може вистински да се менува, развива и живее во мир и љубов. Секоја врста на негирање, неприфаќање и обезвреднување, личноста ја доведува до расцеп со самиот себе што преставува основа за дисфункционални чувства како што се анксиозност, вина, потиштеност, срам и бес на себе.

Нарцис е личност која не умее да ги сака ниту другите, па ниту себе, затоа страда од чувството на празнина. Нарцис е психички инвалид кој се храни со туѓа енергија на љубовта, но, како што не е во состојба љубовта да ја дава, не е во состојба ни да ја прима, па поради тоа, постојано страда од внатрешното чувство на празнина.

 Љубовта не може да се изгуби бидејќи е внатрешен дел од човекот. Тоа е дар од Бог.

Љубовта почнува во семејството и таа го носи печатот на љубовта, а родителите го пренесуваат на децата. Како што родителите се однесуваат кон себе и децата,се формира нивен модел (програм) за самољубов и љубов кон другите. Љубовта не е врзана само за луѓето, таа е врзана за работата, создавањето, односот кон себе, животот, Бог.

Се’ што работиме е љубов, отсуство на љубов е илузија за љубов. Љубовта е прифаќање на себе и другите, слобода, присутност, мир. Љубовта не е суета, гордост и желба другите да ни се воодушевуваат, обожаваат, прифаќаат или да не’ одобруваат.

Радоста и мирот се манифестација на љубов. Таа не е секако еуфорија и желба, страст. Кога човек ќе ги измеша тие две работи, тогаш има проблем, тогаш чувствува анксиозност, срам, бес, потиштеност. Љубовта станува илузија, односно страдање, кога личноста ќе ја помеша љубовта со личната вредност, односно настојувањето да го компензира чувството на помала вредност или безвредноста. Тогаш љубовта станува дрога односно страдање.

Личноста која се поистоветува со негативниот образец на љубовта која е добиена во семејството, станува роб на илузијата за љубовта, зависник. Таа личност не се сака самата себе што претставува основа за депресија. Депресијата не е ништо друго туку отсуство на љубов кон себе.

Љубовта се добива како подарок, не треба да се заслужи. Љубовта е бесплатна и сосем незаслужена. Со заслуга се добиваат бенефиции, пофалби, пари, но не и љубов.

Ако некој е способен да ви даде љубов, ќе ви ја даде. Некој кој не умее или не може да ви даде љубов, нема ни да ви ја даде, бидејќи не може никој да ви даде тоа што нема.

Така да нема потреба да се трудите да заслужите нечија љубов, наместо тоа сакајте вие први бидејќи тоа нужно се подразбира, давање без очекување да ви се врати, а секогаш се враќа.

Не се сите луѓе способни подеднакво да дадат љубов, како што не се сите подеднакво интелегентни, високи или здрави. Способноста за љубов се базира на способноста за емпатија. Емпатија е орган на љубовта. Не се сите подеднакво емпатични.

На крајот важни се две вистински духовни потреби на луѓето: давање и слобода а тоа заедно ја сочинува љубовта. Сите дела, произлегуваат од љубов. Сфаќањето на љубовта нужно влијаe на сфаќањето на сопствениот идентитет. Сите психички страдања се во личноста, во нејзиниот идентитет а не во светот и другите луѓе.

Др.Владимир Мишиќ

Извор: vaspsiholog

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: