Последно нешто што го барaм од тебе…

Ми фалиш како празник во јануар, како снег во февруар, како мартовското ветре, како мирис на јоргован во април. Затоа што целата душа твоја ги збрала сите убавини од природата.

И пак ми фалиш, како зелените ливади и пепрутки во мај, како јунското сонце, како јулската жетва на жетварите, како морската сол што ми ја боди кожата во август. Затоа што ти си најнежното нешто што природата некогаш го запознала и го подарила некому.

Ама мене ми фали дел од себе, како тетратките што ги купувам во септември и ги чувам со твои потписи, како октомврискиот ќилим од лисја, како мирисот на дождот и калта во ноември, како студот во декември. Зато што ти си најпрекрасното нешто, во чии очи секој би потонал и никој не останува рамнодушен.

Ми фалиш како пари за купохоличар и алкохол за алкохоличар, како дел од душава и мисли недоречени од устава, како поезии со недоволен број на стихови, со кои се обидувам да го пополнам твоето видно отсуство.

Само за крај да те оставам во далечини со неколку реченици.

Да се сеќаваш на мене. Бар следнава деценија да не ме заборавиш. Секогаш живеј со полна пареа, како што живееше додека патуваше со мене, тргни ги твоите очи зошто се реткост и не дозволувај да ги украдат други зашто само мене ми припаѓаат.

Не споредувај никого со мене, зошто јас тоа го правам и постојано се наоѓам на старт, никако не можам да тргнам. Бори се за она што го сакаш, исто како за победата што ја постигна твојот тим и се разбира ти беше главниот.

Уживај во слатките нешта, како што умееше во пораките додека ги пишуваше. Не се предавај пред никој остани непокорен, таков израз и’ стои на твојата човечка фигура.

И еднаш кажи и’ те сакам, на онаа која вистински ја чувствуваш. За крај, сеќавај се почесто на мене, како јас на тебе. Тоа е единственото последно нешто што го барaм од тебе.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: