Понекогаш сакаш да побегнеш од се’…

Понекогаш сакаш да побегнеш, да не се вртиш назад, бидејќи ќе се уплашиш од силните чувства, а не си подготвен повторно да бидеш повреден.

Тешкиот товар ионака веќе го носиш и не можеш ниту ронка повеќе да поднесеш, а да не се струполиш. И бегаш. И трчаш далеку да стигнеш некаде, само за да можеш да заклучиш, дека трчајќи направи круг и си дојде повторно на истото место, сега не само уплашен, туку веќе и уморен од трчање.

Немаш повеќе сила ниту за бегање, ниту за страв. Се предаваш, до некоја нова бура, која ќе го разбранува минатото. Како да излезеш се прашуваш, како да се спасиш од повторување и шаблони во кои си заробен и како да се смириш, а да не умреш; како да сакаш, а да бидеш безбеден од болка; како да траеш во тој момент на предавство, а тој момент да не те сруши.

Многу прашања, а одговор нема. Стравовите не’ одредуваат. И се додека тие постојат нема потполно препуштање. И тогаш кога сме со некој, се осветуваме за некои бивши ранувања и авансно ја наплатуваме новата болка.

Со љубовта, треба да постои и родителска нежност и трпение. Дури ако некој може да не’ сака како да сме, негова жена. ќерка и мајка, дури тогаш може да не’ разбере. Дури ако некој го сакаме како маж и брат, татко или син, дури тогаш можеме да се ослободиме од стравот.

Или еден на друг сме се’ или ништо. Парцијалната љубов создава од нас функционални машини. За заедништво е потребен цел човек. Двајца такви.

Бранкица Дамјановиќ.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: