Не се одмаздувај, не си ги валкај рацете

Зошто за секој човек очекуваме, да биде она што нас ни треба? Зошто бараме да имаат ист поглед на животот како нашиот? Наш агол на гледање и наши наочари? Зошто имаме постојана потреба, очајнички да посакуваме другите да ги прилагодуваме на себе? Зошто упорно мислиме, дека некој треба да знае што мислиме и што ни смета? Зошто многу често нечие поинакво размислување, го тумачиме како провокација и напад кон нас, наместо да го прифатиме такво, какво што е?

Различност. Она што нас ни смета, нив не им смета. Она што за нас е најнормално, нив не им е, ниту во резервниот попис. И не, во никој случај не провоцираат. Не не’ напаѓаат, ниту не’ игнорираат. Едноставно гледиштата не ни се исти. И тоа е се’. Не размислува никој за нас, колку што ние мислиме.

Не сме (да бидеме реални) за никој толку важни, за тој ‘некој’ да тера инает со нас. Не сме толку важни. На никој, освен себеси. Зошто ние, тие, вакви, такви, очајнички сакаме да бидеме фрустрирани со се’ она што другите не се, а ние сакаме да бидат. Зошто себеси тоа си го правиме? Зошто секој збор го анализираме, ако за нас не е ок? Зошто? Толку ли сакаме да се мачиме себеси? Сакаме да ни е потешко од она што е?

Дали некогаш, до крај ќе бидам по твоја мерка, колку и да посакуваш да ме смениш, дури сите напори ако ги вложиш во тоа? Нема. Секако дека не. Колку и да се договораме, прилагодуваме.

Колку јас или ти ќе се смениме? Нема. Ниту можеме. Ниту треба. Никогаш нема да биде она што ти посакуваш, ниту ќе бидеш она што јас сакам. И со прилагодувањата градиме нови скалила- до никаде. По еден проблем, отвораме уште три други, кои некој треба да ги нареди за да ни биде се’ ок.

И тоа оди. Во недоглед. Во двајца бескрајно фрустрирани, додека некој почне да игнорира се’ што му смета, прифаќајќи се’ како што е. Додека некој не дојде до она елементарното: Што можеш прифати, што не можеш- игнорирај.

Значи фокусот да се стави на предности, никогаш на мани. И се’ е многу полесно. Секој колку што може. Разбери, почитувај и дај колку што можеш, бидејќи не можеш колку што нив им треба. И тоа е тоа. Тоа е клуч на битисувањето. Заштитете се себеси и другите. Тоа е клуч за квалитетни односи. Службени, пријателски, семејни. Да не се јадеме. Да се почитуваме, такви какви што сме.

Со некои ќе имаме подлабоки, со некои површни односи. Некои ќе ги гледаме често, некои ретко. Некои воопшто. И тоа е многу подобро отколку да ги гледаме, само за да им ги броиме маните и недостатоците. Сите ние имаме доволно свои и треба да се занимаваме со нив. На крајот само себеси можеме да се менуваме. И тоа е промена на која секогаш треба да работиме.

На себе. Толеранција. Разбирање. Љубов. Почитување.

Тука секогаш има работа. Многу полесно се дише, се буди и спие. Многу полесно се поднесува животот, од кога ќе ги прифатиш луѓето такви какви што се. Ако ти е премногу, тргај се.

Нема очекувања, нема разочарувања, за се’ што ќе добиете од луѓето, бидете среќни. Среќни вие и среќни тие, бидејќи не ги тераме на било кој начин да се прилагодат на нас или нешто да менуваат поради нас.

Научете дека нив не можете да ги менувате, но вашиот став можете. И тоа е највредната лекција во животот и штедење на нервите и здравјето.

by Рита

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: