Секој од нас живее во својата кожа, а не во туѓите очи

Луѓето едвај чекаат да прераскажат некои лоши работи, кои им се случиле на другите луѓе кои не ги познаваат. Потоа следи еден час време за претресување, судење и жалење над судбината на актерите на приказната, кои најчесто никогаш во животот не сме ги виделе.

Но, на катастрофа најверојатно сме навикнати. Катастрофата ни е во генетскиот код. Кога меѓу пријателите, се почне разговор за нешто лошо, како да се тркаме кој ќе има некоја слична приказна или уште подобро, многу полоша. За убави работи ретко зборуваме. Научивме дека зборувањето убаво за себе е знак дека сме препотентни. Арогантни. Не е кул. Не е пожелно.

Туку, кој се разболел? Дали некој умрел? Кој кого го изневерил? Кој се развел? Дај ни катастрофа, бидејќи од неа растеме. На убави и позитивни примери одмавнуваме со раката. Бидејќи туѓата среќа, ем не е забавна, ем тешко ‘се вари’.

Се тргам од многу луѓе кои само кукаат. Од луѓе кои не умеат да се шегуваат и смеат. Сфатив дека катастрофи, ми се дури и премногу. Сфатив дека никој не мора да ме потсетува, каков идиот може да биде животот.

И не ми оди. Да слушам празни муабети, кои со себе носат еден тон негативности. Зошто ми се секојдневни приказни за смртта, за тоа кој се разболил и кој не се излечил? Зошто, кога постојат толку приказни за животот и за оние кои оздравеле?

Смртта ни е неизбежна. Можеш да трчаш, бегаш, но таа те чека на онаа точка од твојот пат, каде е судено. Зошто секој ден, се убиваме зборувајќи за црно, сиво, смртта, за катастрофи, за солзи? Зошто, кога можеме да се смееме? Зошто да се давиме во негативно?

Зошто секоја позитивна приказна настојуваме да ја обоиме со песимизам? Поради страв од пораз? Поради недостиг на победи? Оптимизам бирам секогаш и пред се’. Понекогаш можеби грубо ја тргам несреќата и оние имагинарни проблеми од себе.

Уморна сум од сивата. Се’ во животот е решливо. И ќе оздравиш. И ќе победиш. И ќе заработиш и ќе преболиш. И ќе преживееш, но само тогаш кога сакаш да живееш. Само тогаш кога на другите нема да им дозволиш да го убијат твојот дух. Животот е убав, ако знаеш како да го живееш. Зборувањето за туѓите несреќи нема да те приготват ни за една несреќа која може тебе да ти се случи.

Стравот од таа несреќа нема да те подготви за неа, ако некогаш бидеш несреќен. Но, затоа ќе прескокнеш море од среќа и насмевки фокусирајќи се на она што те плаши.

Еден ден навистина ќе умреш. И не знаеш кога тоа ќе биде. Обиди се да живееш најдобро што можеш додека си тука.

Олга

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: