А тебе, тебе те пуштам. Исто како што учам да пуштам се’ останато

Нема тука голема филозофија, се повлекувам, простувам, на другите и себеси. Себеси, бидејќи посакував да стигнам до нивната светлина, а ја допрев само нивната темнина и во тие неколку минути и јас бев темнина. Искуството е сепак тука, научено на своја кожа.

А тебе, тебе те пуштам. Исто како што учам да пуштам се’ останато.

Некои луѓе се претвораат неуморно во чудовишта. Нивната престава од 5 минути е доволна во потполност лицето да им се промени, во илјадници бои, облици, како и очите. Од нив извира омраза. Можат да згазнат секој. И конечно сега ги разоткриваат своите вистински лица и ви го покажуваат тоа. Лица кои вам, веќе долго време ви се познати, кои постојано се враќаат, но вие ги игнорирате, будалесто мислејќи на нивната добрина, која не постои. Постојат само преправања, лажни насмевки и ведри лица, но очите, нивната длабочина не лаже.

И отсекогаш знаев, уште од првиот пат, дека во тебе добрина има многу малку, испарува се’ повеќе и повеќе, во трагови, а ти уште повеќе го форсираш заминувањето, со своето делување и погрешното битисување. Ти не си добар и тоа е во ред така. Изборот е твој.

Ме повреди, овој пат не толку длабоко, бидејќи успеав да се заштитам, барем малку. Иако врвот на таа оштрица го допре моето кршливо срце. Солзите, кои веќе беа на пат, ги задржав, чувствувајќи те тебе и тоа грозното кое го носиш во себе. Колку е тоа застрашувачки. Жал ми е што е тоа така, навистина.

Тоа беше уште една причина, бидејќи плачев, а сакав да ти помогнам. Повторно јас и мојата улога на спасител, која морав да научам да ја играм. Кога сите зборови ги истурив врз тебе, сигурно долго голтајќи ја таа горчина, ми олесна. Во лице. И си заминав од тоа лудило.

Единствената работа кај нив, која со годините станува посилна е нивната вештина за манипулирање. Затоа, сега се чувам, внимавам, научив веќе на своја кожа.

Marina Knusel

Извор: atma

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: