Колку често ќе кажете дека не можете повеќе или ќе помислите како тоа не е за вас?

Се сеќавам уште од малечка сакав да помагам, почнувајќи од пријателите во училиште, каде добивав задача, со некои да седам во прва клупа и да им помагам околу некои предмети, до непознати луѓе, кои случајно ќе ги видев на улица и во тој момент ќе пронајдев некој начин да им помогнам.

Му зборував често на својот син како е убаво да можеш да го промениш светот, а тој веднаш ќе ми одговореше: ‘Мама, тоа не е можно!’

И денес, сакам да им помагам на луѓето, така јас се доживувам; да ги потсетувам на она што заборавиле, потиснале или уште не освестиле, верувајќи дека на светот постои доволно љубов, секој од нас да може да направи мал чекор кон себе, за се’ околу нас да биде поубаво, среќно, подобро и потполно.

Но, има луѓе кои во секое решение гледаат проблем и токму кога ќе помислите дека успеале да ја решат ситуацијата во која се нашле, се’ тргнува однопаку.

Колку често и вие ќе кажете дека не можете повеќе или ќе помислите како тоа не е за вас?

Повторувајќи го тоа, нема ништо да постигнете, ниту пак ќе се случи некоја промена. Тоа никако не е начин да се помрднете од местото? Исто така, се кочите, кога се ориентирате на проблемот и на долги и детални анализи кои траат со часови, наместо сета своја енергија и време да ја насочите на неговото решение.

Понекогаш е тешко да се биде силен, да се остане силен по сите падови, а особено кога се’ ќе се ‘намести’ во истиот момент. Но, ние сме многу посилни отколку што воопшто можеме да замислиме и верувам дека Бог, никогаш не дава нешто што не можеме да го носиме.

И секогаш, секогаш постои решение и кога ќе помислите дека никогаш нема да помине, дека многу ќе боли, дека нема да се извлечете, верувајте дека постои начин, ќе ве дочека тоа светло на крајот од тунелот, како награда за се’ она што сте носеле и со што сте се бореле, само ако одлучите да не се откажете од себе.

Во животот постојат многу начини и решенија и кога нашата цел е доволно атрактивна и силна, секако дека ќе го најдеме патот да ја оствариме, додека пак можеме да пронајдеме изговори за она што не ни е важно.

И токму така се однесуваме кон себе, кон животот и кон луѓето кои не’ опкружуваат.

Сите ограничувања се наоѓаат во човечкиот ум и човекот сам себеси си наметнува што е тоа што може, а што не може да направи. Се додека веруваме дека за нешто не сме способни или родени, ништо не може да ни помогне тоа да се промени.

Кога мислите дека нешто не можете, во право сте, исто и кога мислите дека нешто можете. И тогаш сте во право. Повторувајќи постојано ист образец на размислување и однесување, секогаш ќе добиете исти резултати.

Кога во се’ гледате препреки, тоа и ќе добиете. Излезете од својот стар оклоп и погледнете на светот со други очи. Освестете како се чувствувате- со кои мисли се будите, што се наоѓа во вас и околу вас, што е тоа за кое сонувате, што ви е потребно за да се менувате, што е тоа што им давате на луѓето околу себе, не во материјална смисла, туку она што го делите со другите.

Дали сте со отворено срце, убави зборови, пофалби, радост, љубов или погледи со прекор, приговори, критики, љубомора, завист, незадоволство. Она што делите со другите е огледало на она што ќе добиете од другите. Поставете си прашања во стилот: ‘Дали е ова што го работам најдобро што можам? Што е тоа што можам уште денес да направам за себе, за да се приближам до она што сакам да променам во својот живот? Станете свесни на своите вредности и квалитети, своите таленти и способности, ценете и почитувајте се себеси, размислувајте на позитивен и оптимистичен начин бидејќи тогаш полесно се менувате себеси и тоа е единствен начин да се заземете за себе и да не се согласите на помалку од она што го заслужувате.

Не чекајте некој момент да стане вистински, направете секој момент да биде вистински за промена. Бидејќи успехот е за оние кои не се откажуваат, кои чекорат храбро низ животот, кои не паѓаат под влијание на другите и кои длабоко веруваат во себе и своите способности- за оние кои откажувањето не е опција!

Мирјана П.

Напишете коментар

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: