По 40- тата знаеш да живееш со цело срце

Кога сакаш да направиш ‘рез’ во тие фамозни 40- ти и ќе решиш, да почнеш нов живот, обевезно ќе ги слушнеш коментарите од типот: ‘Кај најде сега во 40- тите да се менуваш? Да почнеше на време, сега ќе беше ‘Кралица’!

Ова се класични стереотипи, кои веќе со децении ја гушат жената која одлучила да живее и по таа проклета 40- ка. Всушност, ја гушат жената која, тоа ќе им го дозволи.

Имам 40 и кусур и понекогаш се чувствувам како да имам 20 и повеќе. Наутро, ме болат нозете, се потешко ми е станувањето…кичмата, желудецот…да не се жалам повеќе.

Меѓу другото, пред една година, го изгубив татко ми, кој ме скрши комплетно. И еве, веќе петта ноќ, јас подвлекувам црта. Правам планови, со ‘лепенки’ на грбот, против болките во кичмата, додека сркам чај од мајчина душица и ги вртам стопалата, загревајќи ги укочените зглобови.

Се прашувам дали можам да почнам ново, сега, на 40 и нешто- пааа… од нула? Дали ќе имам сила? Што ако ја немам, па останам ни угоре- ни удолу, на половина пат? Што е во средината?

Моите пријатели упорно ме убедуваат, дека ми треба опуштање, некоја јога, помалку да се грижам за другите, а повеќе за себе. Аааа…(тоа е мојата прва реакција)..не може тоа така лесно..Нивниот контра одговор е: ПРОБАЈ!

Всушност, тој одговор и ми треба..Пробај!

Некаде, некако, влегов во маѓепсаниот круг и почнав да живуркам во својата ‘зона на комфорот’- позната, но не многу добра. Густа е, како жива кал, во која нема нагли движења. Тука си, дишеш, лажно живееш, а пропаѓаш се подлабоко.

И тогаш сфаќаш дека дишењето не е само обично дејство, тоа мора да те крепи, со секое вдишување треба да почувствуваш, дека никој не може да те извлече од калта.

Можеби некој може да ти пушти некоја ‘гранка’, но од тебе зависи дали ќе пуштиш рака, да ја фатиш и да се спасиш себеси.

Кога татко ми почина, одлучив да ги менувам работите, иако не пукам од здравје и енергија, но, вреди да се проба. Сакам да направам се’ што од секогаш посакував, но ете, животот има други планови за мене, малку ме ‘закочи’, исплаши, ме однесе во некоја улица без силно улично светло, да лутам.

Сакам да ја завршам книгата, да го видам Њујорк, макар кредит на 5 години да отплаќам и на секои 3 дена да лепам ‘лепенки’ на грбот против болки, да легнам на тревата на Централ Парк, да ги гледам и другите ‘расипници’ кои се дрзнале( срам да им е) да живеат како да им е 20 или 30.

Никогаш не е доцна ниту за љубов, ниту за танцување, ниту за нови почетоци.

Нека ме покажуваат со прст и нека речат- ‘се избудали во 40 – тата’, сите кои мислат дека во тие години нема што да бараш од животот и од себе. Нека се потсмеваат, нека се крстат и чудат и со мојата одважност ја премачкуваат својата несигурност.

Нема тука голема филозофија. Се’ додека не направиш она за што душата ти вреска, џабе ја исправаш кичмата, лепиш лепенки, пиеш чаеви, шеташ по лекари.

Ок, ќе живееш подолго, но што ќе ти е подолго лошо? 40- тите не значат крај, тие се најдобри за почеток, бидејќи дури тогаш знаеш кој си и што те прави жив.

by Рита

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading