Не задржувајте го она што бара начин да си оди од вас

Научив да пуштам некои луѓе од мене, бидејќи грчевито бараа излез надвор, преплашени со количината и силата на емоциите кои ги осознале.

Научив да се тргнам од оние на кои им бев како издувен вентил, попатна станица на патот на животот. Заминаа и оние кои бегаа од својот одраз во мене, плашејќи се дека нема да можат да го исполнат ветеното, оние кои се плашеа и од мојот одраз и отисокот на нив.

Напуштив и јас некои луѓе. Поминав најтешки битки многу млада соочена со суровото човечко его и страв. Напуштив некои за мене драги луѓе, некогаш баш мои, бидејќи ништо повеќе не гледав добро во нив, ниту во себе со нив.

Не, не ги напуштив поради страв. Ги напуштив за да можат да живеат среќно и слободно, лишени од отисокот на себе, кој толку многу им сметаше и ненамерно ги успоруваше. Ги напуштив бидејќи сакав да верувам, дека некаде на друго место ќе бидат посреќни.

Никогаш не бев тип на личност, колекционер, кој ќе собира луѓе околу себе, само за да ме земаат здраво за готово. Не ми е жал, не.

Само ми е жал, што тие поради своите несигурности, ќе се чувствуваат лошо покрај жена со нескршлив дух. Ми е жал, бидејќи ме сметаа за непријател, трн во око. Но, тоа сега им припаѓа исклучиво само нив, а не мене.

Ме напуштија многу луѓе, бидејќи така сакаа. Не им замерив, бидејќи тргнаа по патот кон своите сознанија и вистини.

Не задржувајте го она што бара начин да си оди од вас. Тоа нема да му служи ниту вам, ниту нив. Пуштете ги, како и најубави разиграни балони.. Сфатете дека некои од нив беа за миг во вашиот живот само да ве научат никогаш да не изгубите надеж во Љубовта, а некои пак да ве потсетат колку сте навистина кршливи.

Некои летаат во своите висини и ќе го најдат своето засолниште. Направете место за оние кои ќе дојдат, оние кои во ноќите исполнети со тага, со полно срце ги привлековте. Пуштете ги да ве допрат оние кои животот ќе ви го сменат на подобро. И кажете благодарам, на се’ што било и на се’ што ќе дојде.

by Рита

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: