Како да им се помогне на оние ‘вечно’ лути?

Лутината или бесот не се сами по себе реални емоции. Тие се продукт на некоја силна болка и навреда/повреда. Значи, кога некој долго во себе акумулира некоја болка, страдање или себичност, најчесто може да се случи тие емоции да се ‘вадат’ со лутина.

Кога ќе налетате на некој кој постојано е експлозивен, посебно на ситници, тоа значи дека длабоко е повреден и не успева со некој да подели или научи како поинаку да го извади ‘тоа’ од себе. Таквите работи можат да се забележат во врските, било љубовни, семејни, пријателски.

Тој се лути на вас или на секојдневните ситници, а всушност бара внимание и помош. Бара помош околу работи кои не може сам да ги реши, а во него се длабоко закопани. Со лутина и агресивен пристап всушност навикнува на некој начин да предизвика внимание, бидејќи под таа ладна маска, агресивен, лут и бесен, всушност стои повреда и болка која ја носи и не знае да се ослободи.

Но, луѓето тоа не го препознаваат на време. Ниту оние кои со лутина ќе одлучат да се справат со околината. Ниту оние кои ја примаат лутината од бесната личност. Побргу ќе се повлечат од таквата личност, отколку да прашаат што всушност ги мачи- Каде е изворот на твојата лутина?

Да, повеќето луѓе ќе ги остават сами, а тие уште повеќе и посилно ќе ја чувствуваат таа повреда, болка и напуштање. И затоа што лутината ја избраа како експресија на самите себе, ќе станат уште полути, ладнокрвни и побесни. Најчесто ќе ‘навалат’ на луѓето околу себе, бидејќи се најблиску во тој момент. И така ќе се случи тој маѓепсан круг, кај многу семејства, врски и пријателства, некое време да бидат на ‘граница’. Додека не ‘пукне тиквата’.

А штом се премине прагот на издржливост, почнуваат нови страдања, нови болки и повредувања. Има луѓе кои ќе кажат што ги мачи и понекогаш ќе се налутат, но тоа е минливо и краткотрајно. Но, има и такви луѓе на кои умствените обрасци не им дозволуваат изразување на емоции, бидејќи така се научени. И постепено ги акумулираат во умот, духот и телото.

Учат да бидат лути и агресивни и со тоа да ги постигнат целите, за да не бидат повторно повредени. Од таа длабока болка и повреда, подоцна ќе се создадат нарцисоидни личности, емотивни манипулатори и разни други профили со кои не сакаме да имаме контакт. Така се раѓаат и насилници во врски, семејство и сл.

Ако забележите дека некој е постојано лут, прашајте го што го мачи. Еднаш, двапати. Можеби некој ќе ви ја отвори душата. Ако не ја отвори душата и понатаму и продолжи да ја избира лутината и бесот која ќе ви ја упатува, во тој случај треба да се спасите себеси. На време. Значи лутината е научен одбранбен механизам кој не’ штити од нови повреди.

Нера Црнчиќ

Извор: АПортал

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: