Траг во бескрај

Не знам…
дали згрешив што предолго
останав чекајќи на станицата “Слобода“,
не знам дали задоцнив
и премногу пропуштив …
Само во мигот кога пристигна
вистинското време,
а погрешната личност
знам дека и околу мене
тивко прикрадена
завиори љубовта,
и од сржта исплеви
плевел на срамежливост
и јас нурнав во океанот на душава,
па случајно и неплански
ти собрав бели бисери.
Не насети ли, ненаситна душо убава ?
Ти нижев ѓердан
први чувства невини.

Самоникната,
со боја на храброст,
процветав во онаа твоја
градина од безброј рози.
Сите до една исти.
Јас поинаква.
Без трње.
Оти ти беше мојот трн,
неизлечлива рана,
несонлив неспокој.

Кинев пресни пајажини горделивост,
црпев челични зборови од
дно на искреност,
скали ти изградив,
килим поезија ти постелав,
само до извор животен
да те однесам.
Да, ко едно бунарче
тешко пристапно скриено,
ти го разгрнав ова мое срце
со питка вода љубовна.
И признавам
во сопственост на
твое име го препишав,
зашто подлегнав
на поглед ко куршум,
зашто на небото во медени очи
видов светлина на сигурност
и сјај на посебност
уште првиот пат кога те сретнав.

Ко дете за бонбонче
се излажав,
ко кротко јагне на див волк
се предадов,
и ко грешна душа
по забрането јаболко
тајно чезнеам за тебе.
А ти ми распука громови на душа.
Ти ми разбеснеа бура од емоции.
Срце ми дираш,
а никако да ми засвириш.
Оди си.
Не ми нацрта
љубовно виножито.
Оди си.
Одамна не гледам
топол намиг да се точи
при тој магичен судир на погледи,
освен една распостелана искра
на рамнодушност што преполна
чаша заљубеност полека,
но сигурно ми пие.
А јас исплашена и жедна бегам.
Бегам ама некако судбината ми шепоти
ти си неизбежен.

И можеби со страст и хир
се пали огнот на љубовта,
но кога сè ќе прегори,
знај останува да свети
ко жарче во пепел
само чувството.

Па,во овој лажен свет
јас останувам со грст убави
и неповторливи спомени,
ти со сознание за признаена
и чиста љубов како солза.

А што останува
од ова моја песна
што име твое крие,
и од нашето неостварено “ние” ?
Останува еден голем и
неизбришлив траг во бескрај,
половина чекор мој, половина твој.

ГЛОРИЈА СПАСОВСКА

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: