Љубовта постои но не е совршена и вечна?

Еднаш одамна, еден од тројца писмени во тоа време, одлучил да пишува за Љубовта. Случајно тоа бил маж кој имал нежна душичка, па своите љубовни емоции ги опишал низ песна полна со големи зборови, големи емоции и големи асоцијации. Очигледно ја пишувал таа песна опиен од некоја нова жена во својот живот.

Било како, сите ние подоцна се надоврзавме на таа негова импресија на еден љубовен момент и тоа беше камен темелник за сите ‘мистерии’ кои ги создадовме околу љубовта, од почетокот на светот до денес. Поради тоа сега имаме неред во срцата, неред во емоциите, неред во главите и неред во животите.

Бидејќи Љубовта е емоција која секој од нас ја разбира на свој начин, не е можно точно да се дефинира, а тоа ми дава можност мене, тебе и на сите да ја тумачиме на свој начин. Имаме толку начини на сакање, колку што има луѓе, а сеуште немаме дефиниција со чија помош ќе бидеме сигурни дали сакаме или сме сакани.

Меѓутоа јас знам да сакам на свој начин, а тој знае единствено на свој. Тие два начина се потполно различни и речиси не е можно да се споредат. Сега мене и него помножете го со бројот на луѓето во светот и обидете се да ја замислите таа количина на начини на сакање.

За разлика од љубовта која е есенција на животот, некои работи точно и едноставно знаеш да ги дефинираш. Значи, ако имаме само три зрна здрав разум, мора да бидеме свесни дека:

Вечна љубов- не постои! Никој никого не може да го сака вечно, бидејќи тоа Вечно е пресилен збор и трае многу долго.

Идеална љубов – не постои! Што е всушност идеално? Како да те сакам на идеален начин? Премногу е тоа нереална идеа. Не сакам на идеален начин, ниту тоа го барам од тебе. Да бидеме фер.

Љубов од соништата – не постои! Секој ден различно сонувам. Ноќе сигурно ќе сонувам за тебе, но за тоа нема да ти кажам. Да ги пуштиме моите соништа да бидат само мои и остави ми го човечкото право да ги менувам јас како што сакам, да ги чувам или фрлам, да ги надоградувам и менувам како што сакам. Земи ги твоите соништа, па прави со нив што сакаш!

А љубов? Што е љубов?? Оставете ги универзалните дефиниции, крутите правила никаде запишани, недефинирани и безвезни прашања и идиотски очекувања Ајде само да се сакаме.

Викторија

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: