Отворено писмо до мене, кога ќе се вљубам повторно

Не наседнувај на приказни дека ако до 40-тата мажот нема ниту куче, ниту маче, ниту брак, ниту дете, значи не ја нашол својата сродна душа. Тоа значи душо, дека е тежок ко црна земја или има сериозна фалинка.

Слушај Ивана, не е важно секое тенџерче да си најде капаче, затоа што не може поинаку. Твоите врски се како цедилка за варени макарони. Пуштаат од сите страни. И знаеш зошто. Затоа печати го овој потсетник во повеќе примероци и извлечи го кога ќе затреба.

Не игнорирај какво му е семејството. Знаеш дека лошите семејни приказни создаваат лоши емотивни приказни. Не си доктор за глава, престани да менуваш тези и да го носиш туѓото бреме. Ти не си му ниту мајка, ниту психијатар. Кога ќе слушнеш дека мајка му е психо, бегај како луда.

И да, бегај ако слушнеш дека како дете не добивал доволно љубов. Будалетинко, сфати веќе еднаш дека родителската љубов не се надокнадува и ако случајно поверува дека има исклучоци, знај дека си во заблуда.

Многу важно- многу си возрасна за да бираш мажи кои на 10- ти во месецот имаат 1000 денари до крајот на истиот. Тие кои во своите триесети се задоволни со преживување, бидејќи ‘малерозно’ е се’ против нив, кои не нашле свое место под сонцето или просто им е доволно што се живи, тие кои очекуваат цел живот да ги туркаш, носиш, насочуваш, разбираш бидејќи се неснајдени, тие Ивана нема да се снајдат.

И не го ‘тупи’ сега- во оваа држава е таква судбината и дека не се работи за парите, туку се работи за отсуство на способност и труд. Престара си за тоа.

Не му приоѓај прва ти. Нека го направи тој чекорот. Треба да се труди и да се удвара. Треба да излезете, а не веднаш во кревет. Комплиментите се ок, посакувани. Кажи ‘благодарам’ и не прави шега кога ќе ти каже нешто убаво. Не прави компромис и не објаснувај што значи да се биде еднаков во се’. Ако тоа не му е природно- пријатно и со здравје!

Биди малку потактична и кога нешто ќе ти се допадне, пофали го, воодушеви се, покажи. Кога жените би знаеле дека на мажите им е најважно да ги фалат и бодрат, се’ од нив ќе добијат и никогаш нема да изневеруваат. Аман жено, промени го тој строг израз на лицето.

Нема да ти зборувам ништо за сексот. Важно е да се сетиш на многу ситуации. Важно е само да се сетиш зошто се омажи. Да, од љубов, а зошто го засака? Не заборавај дека се разведе додека се пораѓаше. Сиктер Ивана! Повторно мешаш баби и жаби. Немој!

И да не го заборавам најважното. Дали можеш да се сетиш зошто никогаш нема да престанеш да го сакаш оној еден, посебен? Затоа што те правеше подобра отколку што си. Не го заборавај тоа- треба да те прави подобра, ама исто и него. Кога тоа ќе го успееш, тогаш ќе бидеш задоволна од себе.

Ивана

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: