Драги дами, време е да се потсетите кои сте

Кога луѓето ќе не’ прашаат кои сме, да се опишеме себеси и нашиот живот, ние се фаќаме како за сламка, за нашите семејни улоги, нашата работа, а често и за националност, религија или патриотизам. Некои жени гордо нагласуваат дека се мајки, сопруги и домаќинки, дека семејството им е средиште и приоритет и дека вложиле се’ во воспитанието на децата и градењето на складен семеен живот.

Таквиот труд е непроценлив и не постои медал, признание или награда која може доволно да ја изрази важноста на посветеноста на овие жени. При тоа мислам дека е големо жртвување, отфрлањето на сопствените соништа и желби за другите да бидат среќни, нивните сакани да имаат љубов, внимание и нивно време. Такви храбри жени можеби се откажале од студирање, кариера, отстапки поради семејството.

Меѓутоа, никогаш не е доцна да се оствари тој потенцијал, жар, волја и амбиција, можеби не на ист начин како порано, но… Секогаш постои можност преку своето хоби да ја искажете својата надареност, талент и да им покажете на своите најблиски колку сте посебни. Колку љубов, вредност, мудрост, криете во својата раскошна личност. Вие сте многу повеќе од сопруга и мајка, вие сте целовити и не смеете да заборавите дека во текот на цел живот се изразувате.

Исто така има жени кои цел живот се посветиле на образованието, кариерата, изградба и напредок во кариера, жени кои имаат генијални идеи и знаат како да ги пласираат на пазарот. Но, постои и друга страна на медалот. Некои од нас се заштитиле со своите беспрекорни кариери, за да не испливаат на површината бројни разочарувања во луѓето, скршени срца и губење на доверба.

Некои жени не сакаат да признаат дека се осамени поради успешниот одбранбен механизам. Некои заборавиле да се одморат, да се опуштат и да уживаат во мали моменти. Можеби немате свое семејство, но не ги заборавајте своите важни пријатели и безбројни прилики за дружење и откривање на нови светови кои постојат надвор од вашата работа. Потсетете се себеси кои сте, што ве засмејува, што ве инспирира, мотивира, што саката да правите, кое хоби сте го занемариле? Од што се плашите? За што имате отпор, со кои демони секојдневно се борите?

Потсетете се себеси на сите нијанси на вашиот карактер преку односите со луѓето, преку вас самите. Потсетете се себеси на внатрешната убавина без оглед кои сте и што сте направиле досега, без оглед на вашите грешки и вашите пропусти. Што ве прави жена каква што сте? Што ве обликува, односно што ве спречува да станете жена која сакате да бидете?

Поимите мајка и сопруга или успешна кариера не ве дефинираат. Вие сте многу повеќе од тоа, затоа влезете во своите длабочини и ископајте ги сите потиснати и неостварени желби и соништа, стравови и препреки и покажете си себеси кои сте и што се’ можете.

Ружица

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: