Дали сте жена која премногу сака и што тоа значи?

Ма, како можеш премногу да сакаш? Не е тоа ненормално, да сакаш со цело срце, душа и тело? Да сакаш безусловно? Нели тоа е доказ на вистинска љубов која сите толку ја сакаат? Проблемот се случува кога даваме премногу од се’ во односот со другата личност, а за возврат добиваме ронки или ништо.

Под поимот ‘премногу’ мислам на премногу време, труд, чекање, надевање, љубов без учество на другата личност. Бидејќи за врска се потребни двајца како и меѓусебно давање и примање помеѓу партнерите. Изразот ‘жените кои премногу сакаат’ прва го спомна R. Norwood во својата истоимена книга.

Што прават жените кои премногу сакаат? Се трудат да дадат се’ од себе односот да успее:

– Се надеваат дека партнерот еднаш ќе се смени (иако можеби тој со години се однесува на ист начин).

– Безусловно сакаат.

– Се менуваат себеси за да им бидат подобри на партнерот (изглед, однесување, друштво, работа).

– Се прикажуваат помалку вредни за да му покажат на партнерот дека тој е поважен.

– Се грижат за партнерот.

– Се согласуваат на ронки од љубов, внимание.

– Ги занемаруваат сите други аспекти на животот поради партнерот (пријателство, хоби, грижа за себе).

– Се’ прават за да биде партнерот среќен, задоволен, односно сите свои планови и потреби ги подредуваат на него.

– Остануваат во однос кој е дисфункционален.

– Дозволуваат многу повеќе отколку што инаку би дозволиле.

– Толерираат заминувања и враќања на партнерот.

– Простуваат или толерираат неверства.

– Веруваат дека партнерот е најдобар на светот и го идеализираат иако се однесува лошо кон нив.

-Бегаат од себе и своите чувства.

– Цел фокус го ставаат на партнерот за да избегнат нешто болно во себе.

– Се плашат од напуштање на партнерот, па затоа на секој начин се обидуваат да го задржат.

Како учат премногу да сакаат?

Таквите жени доаѓаат воглавно од семејства каде мајката била во истиот образец на однесување и несвесно го пренела на својата ќерка. Со секојдневни изјави, постапки, девојчето учи што се’ треба да прави за да добие нечија љубов и каква треба да биде. Исто така, тоа се семејства во кое постои алкохолизам или некоја друга врста на зависност, емоционално ладни родители, семејство во кое се заменува улогата родител- дете, кое исто влијае на развојот на жената која премногу сака.

Коренот на проблемот ‘премногу љубов ‘ е страв од напуштање, празнина, осаменост и битисување без другата личност. Односно жена која премногу сака, полесно ќе страда, отколку да излезе од тоа и свесно да ја отргне сета болка од минатото и таа врска.

Што се случува кога ќе останете сами?

Кога фокусот од партнерот го префрлиме на себе и својот внатрешен свет, можеме да се соочиме со цел збир чувства, како тага, вина, чувство на празнина, бес…Додека сме во ‘кругот’ на дисфункционалната врска, немаме време да се занимаваме со внатрешниот свет на чувства, потреба, сеќавања и мисли.

Но, токму од таа причина на овие жени им е многу тешко да бидат осамени. Осаменоста носи на површина се’ она болно што се наоѓа во нив. Она од кое бегаат и од она што ги плаши. Во присуство на партнерот по кој мора да трчате, молите за љубов, осаменоста и другите чувства не можат да дојдат до свеста.

Жените кои премногу сакаат понекогаш со зависноста од партнерот, знаат да развијат уште една паралелна зависност, а тоа е претеран внес на храна или ‘убивање’ од работа. Со оглед на тоа дека другата личност не може постојано да биде крај нив, мора да имаат замена за тоа чувство. Тоа е уште еден начин на потиснување на своите автентични чувства, односно бег од себе. Кога жената поради љубовта страда, се разболува, не е среќна, но останува во тој однос, тогаш тоа не е љубов, туку зависнички однос. Жената станува зависна од партнерот.

Жената која премногу сака, со работа на себе може: легитимно да го исплаче своето минато и болката, да научи да ги постави своите здрави граници во односите, да развива љубов кон себе, да ги пушти старите уверувања за љубовта кои и’ штетат во сегашноста и да создаде нови, да освести што се случува кога е осамена, да научи да ги пушти другите да бидат такви какви што се, без потреба таа да ги менува, да ги научи своите мани, доблести и сите свои чувства.

Марта Краваршчан

Извор: APortal

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: