Запомни душичке- Не си сама и не си виновна!

Ти, која ова го читаш, која ги трпиш ударите и понижувањата секој ден. Која си во животна опасност, се плашиш и срамиш. Мора да знаеш дека не си виновна.

Без оглед што твојата околина ќе каже, без оглед какви погрдни зборови ти скроиле, колку те обвинуваат и осудуваат. Иако се прават паметни и делат добронамерни совети, дека можеше да го земеш својот живот во свои раце и да си заминеш од пеколот.

Секоја твоја ноќна мора, секоја исплакана солза, секое проживеано треперење од страв за сопствениот живот мора да помине. Постои надеж и постои подобро утре дека ќе се извлечеш од оваа агонија, дека ќе се исцелиш и ќе почнеш нов живот. Мора да знаеш дека не си сама и дека постои излез, постои помош и решение. Постои некој кој мисли на тебе и постојат луѓе кои сочувствуваат со ужасот низ кој минуваш.

Постојат жени кои преживеале слични искуства и кои се извлекле. Не постојат зборови со кои може да се искаже извинување, поради непријатните прашања и коментари на кои си изложена, поради полициаецот кој те прашува дали на време го подготви ручекот, дали примерно се однесуваше, дали нешто погрешно кажа, дали случајно погрешно погледна, дали предизвика бес или лутина, дали провоцираше или можеби го направи љубоморен.

Не постојат адекватни изговори и објаснувања зошто треба да се тргнеш во сигурна куќа, зошто некое време треба да се криеш, додека насилникот добива минимална казна или ја заобиколува. И покрај сите препреки кои те кочат покрај твоето лично страдање, ти си силна и единствена.

Треба да се сетиш на се’ убаво што постигна и која си. Треба да се сетиш на својата добрина, емпатија, љубов, храброст, која ја носиш во себе. Во овие најтешки моменти на твојот живот, кога си изложена на заканување и страв, време е тие добри емоции да проработат, да ти дадат сила и да те извлечат.

Ти си повеќе од бројка во статистиката, иако сега веројатно мислиш дека си безвредна, тоа не е вистина. Сеуште во себе имаш сила и сеуште те држи инстинктот за преживување Ќе се бориш и ќе победиш. Ќе заминеш од него и ќе побараш помош.

Не си сама и не си виновна. Заслужуваш многу подобро. Затоа побарај помош по свој избор, направи план за заминување, обрати им се на своите блиски, на психолог и институциите за помош. Запомни дека никогаш не е доцна да пријавиш насилство и да проговориш за тоа. Време е да го победиш стравот и да си одиш од насилство, време е да преживееш и да победиш. Време е да станеш хероина, а не жртва.

Посветено на сите жени кои трпат насилство.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: