Дали сте од оние жени кои ги ‘поправаат’ своите мажи?

Постојат жени кои сакаат проекти. Кои сакаат своето внимание и смисла да го одржуваат во живот со експерименти во животот на друг човек. Жени кои се заслужни зошто е некој таков каков што е. При тоа се чувствуваат важно, а за возврат имаат свој примерок за презентација.

Сигурно сте забележале односи во кои жената го поправа или го менува мажот. По свои замислени стандарди. ‘Не го облекувај тоа, не ми се допаѓа. Облечи го ова. Немој да го јадеш тоа, не е здраво. Јади го ова. Зошто ја играш таа глупава игра? Прочитај книга подобро’. Во кого тие воопшто се вљубиле, кога сакаат со тек на време да ја менуваат наводно својата сакана личност?

Што јаде, со кој се дружи, што сака, кое е неговото хоби, кои му се размислувањата и ставовите- сето тоа го прави токму него. Ако имаш потреба тоа да го менуваш, што всушност ти се допаѓа кај него? Но, ти имаш свој одговор дека тоа не е добро за него. А тој не е свесен за тоа. А што си ти? Негова мајка? Воспитувачка? Животен водич? Гуру за позитивни промени? Или негов сопатник, избор, негова љубов?

Премногу жени имаат потреба да ги просветлат мажите со кои живеат. Наместо да се просветлат себеси. Зошто тоа жените го прават? Дали е тоа мајчински ген во крвта кој има потреба да се грижи и воспитува? Дали е тоа силен копнеж по љубов? Од потполната отуѓеност од себе? И кој всушност во целата приказна е потребно да се поправа? Дали сте измислиле личност која сакате да ја сакате?

Ако е тоа вистината, навистина е тажно. За двете страни. Болно е да се признае дека поголемиот дел од него не го сакате. И болно е да се запрашате зошто сте тогаш со таа личност. Болно е да се слушне тој одговор. Копнежот за љубов некои луѓе ги тера на присилни фиктивни односи. Онака. Поради презентација. Од друга страна, не сте сами. И оној кој тоа го дозволува, менувајќи се според туѓите замисли, копнее за истата. Ќе се согласи да потисне се’ она што вистински е и на крајот ќе стави клуч во рубриката љубов на својот живот.

Нема тоа многу врска со љубовта. Тоа се фиктивни сфери кои пливаат по плитките површини на вашите животи. Таквите односи можеби туркаат некое време. Дури и создаваат илузија на среќа. Но, прашање е на време кога ќе се уморите и двајцата. Ти ќе бидеш уморна од обидите да го создадеш него. Одеднаш сите негови постапки ќе бидат разочарување. Бидејќи и тој ќе се умори да живее со такви правила. Тој ќе те разочара со самото тоа што тој е. Ти него ќе го разочараш бидејќи како некој тиранин не сакаш да прифатиш што тој е.

И ете, двајца несреќни и разочарани. Кого го менуваме, а кого го губиме? Во тие односи, речиси е неизбежно дека ќе се изгубиш себе. Додека го поправаш некој, се рушиш себе. И забораваш- најважна припадност е онаа која ти тече во вените. Прво исполни се себе со себе за да направиш здрав простор за некој друг. Верувам дека не сме родени да правиме проекти едни на други. Верувам дека еден човечки живот со своите различности треба да го обогати другиот. Единство не е да се стопиш со сличностите. Единството е богатство во различностите. Ако постојано бираш некој кој имаш потреба да го менуваш, запрашај се. Сите твои избори имаат една заедничка точка. Тебе. Па тогаш, дали треба можеби да менуваш нешто во себе?Да поправиш нешто во себе?

Извор: АPortal

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: