Ако си жена, тогаш знаеш…

Утрово ме праша дали сакам омлет за доручек, а јас се расплакав. Држеше бела чинија во рацете и ме гледаше со испитувачки поглед како да ме гледа прв пат. Не знам каков суд донесе, не смеев да прашам.

Внатрешниот притисок кој го имав цела ноќ, постои сеуште ова утро. Како да сум балон полн со вода, која надоаѓа и надоаѓа, а нема каде да истече. Лута сум, уплашена, ранлива, не ми е ништо, а некако ми е се’. Како повеќе да немам контрола над себе, па ме растегнуваат емоции и копнеж, секоја на своја страна.

Јадам чоколадо и се лутам бидејќи не можам да застанам. И поради тоа плачам. Можам да се распукам или да експлодирам. Како сакаш. Ме загрижува се’. Дека ќе згрешам, дека не сум доволно добра. Како телото не ми изгледа исто како што изгледаше вчера, тромо е и тешко, меко, но не на добар начин. Се грижам дека ќе ‘плеснам’ нешто што не треба. Можеби ќе бидам и груба, па ќе се расплачам, моите најголеми стравови ќе се остварат и сигурно нема да го најдам вистинскиот збор. Ме загрижува времето што поминува, колку погрешни работи ставам за приоритети, што критикувам или споредувам. Не ми е ништо, ПМС ми е.

Ако си жена тоа го знаеш. Кога притисокот ќе тргне одвнатре, време е да олабавиш. Тоа е време кога поинаку го чувствуваш светот и себе. Ако не умееш да го закочиш времето, време е да научиш. Нежност кон себе и пред се’. Ако немаш некој кој ќе те држи во прегратка додека не’ помине, држи се себеси како капка вода на дланка. Исплачи тоа што треба, напиши писмо, па искини го, подобро е отколку да ‘плукнеш’ нешто што не можеш да го повлечеш, а тоа воопшто ниту го мислиш.

Батали ги големите цели, оди чекор по чекор, кон себе, а не против себе. Мажот не знае и покрај се’, како е да чувствуваш болка, онаа длабока, средишна, тапа, излудувачка болка. Жената разбира. На мажот треба да му се објасни. Да се вклучи во таинствениот живот на жената, а не да се отфрли.

Тие денови малку запри, дозволи си себе пауза. Уметност е да се биде жена. Пронајди нешто што ја намалува болката, ги одвлекува тешките емоции настрана, ги брка стравовите. Пушти да протекува. Диши, ПМС не е казна, тоа е всушност извор на сила, онаа женската.

Женска алхемија, трансформација на болката во убавина.

by Рита

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: