Љубов, на слепо

Знам дека јас сум виновна поради тоа што решив да ризикувам, тогаш, кога бев слепа. Моја е вината што паднав на тие твои костенливи очи во кои цел свет се крие. Виновна сум, што на твојата насмевка, среќава моја ја препишав. Виновна сум, затоа што на твојот допир топлина почувствував, а потоа се стопив.

Виновна сум, што на твојот мирис зависна станав. Виновна сум, затоа што домот во твојата прегратка го најдов. А како можев да му забранам на срцево мое да чувствува? Зарем ако му забранев, немаше да ги прекрши сите правила во име на љубовта?

И не е реално како тој ден и да сакав, немаше да можам ниту солза да пролеам, затоа што целава моја тага на светов исчезна, кога во прегратка ти заспав. Навистина не е реално како тој ден беше прв, а и последен. Си реков, нема да дозволам некој толку лесно да ми влезе под кожа. Си ветив дека само ако ме заслужи, ќе бидам негова. Си ветив и бев сигурна во себе.

А тој ден, сите мои ветувања пропаднаа во вода токму оној момент кога толку слепо дозволив за барем минутка да бидам среќна, па не видов дали и ти среќен беше. Не можев да видам дали и ти истото го чувствуваш, кога таа вечер, себично само за мојата среќа барав засолниште. И виновна сум, затоа што дозволив да те замислувам, тебе, како мој Ромео, а себе, како твоја Јулија.

Дозволив за нас да го напишам најубавиот љубовен роман. Дозволив да ја барам љубовта, таму каде што знаев дека нема да најдам. Дозволив да ја замислувам таа совршена љубов, тогаш, кога дозволив на парчиња да се кршам. Дозволив да верувам на се’ она, кое што сега знам дека никогаш не било реално. Дозволив. Дозволив да бидам твоја Јулија, кога всушност ти никогаш не беше мој Ромео.

Сара Илиевска

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: