Прекрасно е чувството кога се’ можеш сама- тажно е кога мораш

Прекрасно е кога знаеш како да се прилагодиш на нешто ново, да ги мотивираш другите, да ја препознаеш секоја добра прилика и да нижеш успех по успех. Прекрасно е кога знаеш да го фатиш моментот, да загризеш, да стегнеш, да пуштиш.

Прекрасно е чувството кога ќе успееш да преболиш, повторно да сакаш и да бидеш сакана. Прекрасно е да се будиш секој ден со нова надеж. Кога можеш се’ сама, но тажно е кога мораш. Доаѓаш во некои години и сфаќаш дека твојот живот е во совршен ред и повеќе од тоа, но гледаш дека некаде длабоко во тебе не штима. Многумина ти се восхитуваат, добиваш пофалби, а ти не знаеш како да реагираш, застануваш малку да размислиш за се’.

Размислуваш со денови за одлуките, минатото и на крајот доаѓаш до заклучок. Почнува да те стега во градите, тешко ти е и болно, не можеш тоа да го изговориш ниту во себе, а не пак на глас. Но мораш.

Понекогаш ми е жал за себе. Во мене има толку нежности, искрени љубови кои на никој не сум ги дала. Сфатив дека сите мои досегашни љубови биле чисто промашување и обид да ги сакам оние кои не се сакаа ниту самите себе, па колку тогаш можев да очекувам да ме сакаат мене? Како можев да очекувам да ме сакаат мажи кои не прифаќаат чиста љубов, кои бегаат, се плашат и создаваат ѕидови?

Овој свет стана толку расипан што денес луѓето сешто нарекуваат љубов и што е најлошо тоа опстојува. А каде си ти во сето тоа? Каде си за да ти кажам што сакам, да ми кажеш за што сонуваш? Каде си за да сонуваме заедно, да бидеме деца повторно и да одлутаме некаде далеку? Каде си за да можам да ти кажам немој, а ти да ми кажеш ајде, кога нешто ќе запне.

Да се водиме секој себеси, но заедно. Да ми се јавиш и да ми кажеш што те мачи и да ти кажам можеш ти тоа. Каде си да лежиме и да уживаме во моментот. Каде се заедно да се плашиме, да пробаме, да паднеме, да поминеме и да сме тука еден за друг за се’ и сешто. Но, те нема.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: