Жената не треба во животот ништо да трпи. Треба да живее со полно срце

Кога си жена, како од раѓање да ти е наметната улогата, дека си за нешто виновна. Почнувајќи од религијата и она како се перципира жената, го носиш својот жиг од раѓање, создадена да грешиш и да бидеш виновна.

Ако мажот те изневерува, виновна си бидејќи не се заинтересирана доволно. Ако ти го изневеруваш, тогаш не е тој виновен, затоа што не те заинтересирал доволно, туку од сто други причини си повторно виновна. И најчесто, ти зашиваат некои епитети кои се поврзуваат со сексуални промискуитет. Кога мажот се дере, тоа така треба, бидејќи е машко. Ако ти го повисиш тонот, најчесто си нервозна или немаш секс.

И сето тоа, ајде и некако. Нечија перцепција за тебе. Некој секогаш ќе те сака, а некој малку- помалку.

Но, кога ќе те тепаат. Како за тоа можеш да бидеш виновна? А виновна си. За подобар дел од јавноста ќе бидеш виновна. Секогаш ќе се најде некој, кој ќе рече дека си заслужила. Ако си одиш, виновна си, бидејќи не се потруди. Лесно пушти се’. Не се бореше. Поради децата.

Што е шлаканица или две, наспроти сите тие години. Ако останеш повторно, виновна си. Затоа што трпиш. Што нe си паметна . Немаш храброст. Никој не помислува дека можеби се плашиш. Или дека не знаеш.

И во денешно време постојат жени кои мислат дека немаат каде. Кои мислат дека единствена алтернатива, е маж насилник и шлаканица или две. Скршено ребро. Модринка под окото, која ја покрива со шминка.

Како некој за тоа може да пронајде оправдување и твоја одговорност? Чесните жени не се разведуваат. Чесните жени плачат во бањата и прават се’, за да го спасат својот брак. Чесните жени се гушкаат кога нивниот маж ќе посака. Се бакнуваат, кога за него е добар ден. Бидејќи емоцијата на чесните жени, секогаш е на последно место. Чесните жени немаат свој идентитет и свои емоции.

Кој ги научи жените на толку погрешни работи?

Ти си важна. И твоите потреби се важни. И твоето срце е важно. И она што посакуваш е важно. И имаш право да си одиш. И никогаш не си заслужила шлаканица. За некои други удари да не зборувам.

Жената не треба во животот ништо да трпи. Треба да живее. Со полно срце. И секогаш.

Лола

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: