Колку многу јас грешев…

Грешев… Грешев и цел живот грешам. А мислев дека секоја постапка е обоена со желбата да помогнам, да му се најдам, да чекам рамо до рамо додека тој некој не се снајде, а потоа да продолжам понатаму..со својот живот..до следната станица, следниот човек кој треба да се состави од расфрлани парчиња, да се склопат за да не се видат пукнатинки, да дувам во него долго и нежно додека лепилото не се исуши.

Уживав во секој процес на ‘составување’ на тој човек. Необично се радував кога барем два дела совршено ќе се вклопат. Имав своја цел. Бев уметник. Помагав некој повторно да се роди, го испраќав со насмевка и среќа…наивно верувајќи дека правам вистинска работа. Да се раѓам повторно со секој од нив.

Не сфатив дека всушност се губам себе. Влегувам во нивните темници, ги упивам нивните болки, го извлекувам своето светло од некое скриено ќоше и светам, упорно. Светам додека не почувствувам дека светлоста го нашла патот и се стопила во друга душа. За себе оставав многу малку. Мојот живот исчезнуваше, додека се грижев за другите, ‘поважни’ од мене. Се изгубив.

Навикната да ги решавам туѓите проблеми, да бидам гласот на разумот, мисла водилка, се губев во сопствениот живот додека го чекам следниот на кој можам да му помогнам. А луѓе како луѓе. Земаат се’, земаат повеќе отколку што можат да поднесат…и си одат. Ја затвораат вратата со себе, некогаш со рака нежно, а некогаш агресивно и луто, со нога. Секое заминување го благословував и одболедував. ‘Така треба’ си зборував себеси ‘мојата мисија е овде готова’.

Сега дојде моето време. Дојде време да се ослободам од старите навики и новите стравови- дека нема да умеам сама со себе.. Време е да се составам себе. Има толку делови расфлани на сите страни. Ќе биде тешко, но на крајот- величенствено. Се радувам однапред, како мајка на неродено дете. Прво ќе ги склопам деловите од душата, но овој пат ќе ја замолам да ја осветли мојата темница. Да ме исцели. Да ми шепне како понатаму. Ќе биде ова прекрасно патување, на чии крај ќе чекам со раширени раце кон самата себе.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: