Кога ме навредуваш, не ме боли. Тоа само кажува каков човек си ти!

Секоја нова критика, се’ повеќе го стегаше јажето околу мојот врат. Се’ повеќе тонев и се давев во бунарот на сопствените емоции. Како што почнав да ја создавам оваа страна- Оптимизам зона, имаше многу подршка, пофалби, неминовно стигнуваа и критики, но и навреди. И тоа најлоши можни, за кои не ни помислував дека можам да ги предизвикам кај некој друг.

Со што јас заслужив такви лоши чувства? Ја барав вината во себе. Како може така нешто да ми напише?! Па, не мислев јас така! Што му направив, за така да ме навредува? Чекај! Не си во право! Дај да ти објаснам!

И како давеник кој се фаќа за сламка, почнував да се бранам себеси пред себеси. Ги оправдував своите ставови, објаснував која сум, што мислев и сакав да кажам, дека не е така како што разбрале и дека моите намери се чесни.

Заслепена во умот, влегував во уште поголем конфликт, не сфаќајќи дека не треба се’ да сфаќам лично! Мислењето на другиот претставува само производ на неговиот сопствен живот и стварноста која ја живее.

Ништо, што некој друг чувствува, зборува или прави, нема апсолутно никаква врска со мене. Има врска со него, неговата перцепција, степенот на духовниот развој и нивото на свеста на кое функционира; искуство, образование, интелигенција, памет, интересирање, колку му е развиена свесноста, социјална и емотивна интелигенција, или едноставно во какво расположение е тој ден.

Секој од нас сам одлучува како ќе реагира во тој момент. Како некој се чувствува, зборува и мисли е исклучиво негово и нема никаква врска со мене.

Основата е најпрво да се сакаш себе си. Кога се љубиш, егото почнува да слабее и се’ помалку станувате негова жртва. Мене не ме навредува она што другите ќе го кажат, туку раните кои се создаваат од искажаното.

Кога ќе станеме имуни на мислењето и постапките на другите, престануваме да бидеме жртва не непотребното, сопствено страдање, како што зборува Мигуел Руиз во својата ‘Втора спогодба’:

‘Што и да се случи во вашата околина, не го сфаќајте лично. Ако ве сретнам на улица и кажам: ‘Еј, баш си глуп’, а при тоа воопшто не ве познавам, тоа не зборува ништо за вас, тоа зборува нешто за мене. Ако тоа го сфатите лично, тогаш можеби и ќе поверувате дека сте глупи. Можеби ќе помислите: ‘Од каде знае тој? Дали е видовит или можеби сите можат да видат колку сум глуп? Вие тоа го сфаќате лично, поради тоа што се согласувате со она што е кажано, што и да е. Штом се сложите, низ вас почнува да тече отров и вие сте заробени во пеколен сон. Тоа ве држи заробени, тоа е она што се нарекува лична важност’.

Знам дека до ова е тешко да се дојде. Треба да се работи на себе во развојот на свеста. Многу е лесно да се налутиме или навредиме, па и да поверуваме дека е вистина она што другите ќе го кажат.

Тоа е кога едни ти даваат совет -‘Не биди будалче, нема шанси тоа да го постигнеш!’ А другите – ‘Еј, па тоа е супер идеја! Само напред!’. Тоа не значи дека првата личност не верува во тебе, туку само не е во состојба да ја согледа твојата идеја во главата.

Затоа кога некој ќе ми каже нешто, без оглед дали ме советува, критикува или навредува, гледам на тоа како негова перцепција или нивото на неговата свест. Само јас знам што е вистина или не. Ако некој успее да ти каже нешто, а ти се навредиш, значи дека имаш проблем со егото, дека немаш развиена свест за себе, за стварноста и на животот гледаш многу сериозно.

Животот е доволно тежок, за да гледаме на него многу сериозно.

Ништо лично.

Олга

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: