Немерлива штедрост

“Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаа своите прилози во црковната каса, виде исто така и една бедна вдовица, кој пушти таму две лепти, па рече: Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти, сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок, таа, пак, пушти сѐ што имаше за својот живот.”  (Лука 21, 1-4)

Верувам во милоста и принципот на возвишената љубов која ќе се засити многу повеќе ако дава отколку кога се намерила да добие во чин изразен со очекувања, било да станува збор за опипливи дарови, било за некакви илузионистички постапки. Поради ова, секогаш бев подготвен да дадам, да го сторам тоа дури понекогаш и пред да ја видам испружената рака и молежливите очи, подготвен да излезам во пресрет на желбите на срцето, иако искрено се сомневав дека наполно му ги познавам. После завршениот акт секогаш бев таинствено среќен, прво поради фактот дека еуфоричната радост со јавно објавување не ми доликува, и второ се срамев од самото дело кое беше однапред дефинирано дека јас имам и давам на некој кој е во недостиг. Ова потоа повлекуваше и борба со совеста која се бунеше поради мојата привилегираност во светот, причините поради кои сум ја заслужил и нејзината грижа за мојата несвесност дека сум блиску до црвената линија на гордоста која доколку би ја преминал, цела церемонија на дарување ќе наликува на фарисејска пиеса. Значи време беше да се запрашам дали добро сум постапувал?

Согласно Исусовата забелешка погоре, одговорот е повеќе од негативен. Ќе биде појасно ако наведам дека моите дарови се карактеризираа со нивната минорност во поглед на вредноста и  минијатурност во поглед на нивното учество во износот во мојот џеб, сопственик на малото богатство. Со други зборови, и покрај трагедијата за нивната незначителна цена,  јас сум одделувал средства од мојот вишок. Иако таа сума некому помогнала многу повеќе од нејзиното забаталување во моето ќесе со богатство, сепак не е доволна сатисфакција за задоволство кога дознавам дека на мојот ближен сум овозможил задоволување на основната потреба за храна која ќе опстои ниту еден ден, компаративно гледано на моите луксузни потреби кои и не мораше да ги страствувам бидејќи сласта од нив ја заборавив набргу по нивното конзумирање. Хартиените, или уште попонижувачки металните нешта со најголема слава и посакуваност во светот, без оглед на нивниот сјај кој најчесто е лажен или го немаат, а од кои се одделив без некоја посебна скрб, всушност за мене и не значеа нешто повеќе од ладниот поглед кон снегот кој се топи под налетот на силното пролетно сонце. Тоа беше и поради длабочината на фактот дека не сум дал сѐ што поседувам, како и вдовицата.

Да дадеш сѐ што имаш во својот живот, тоа е веќе големото дело, немерлива компонента од човековиот карактер наречена доблест. Не мора да значи дека си го дал последниот залак леб на погладниот или последната кошула на поголиот од тебе, нешто што ќе те направи доволно горделив да се справиш со параболата која е предмет на расправа, и воопшто не е доволно да се самопофалиш пред изгрејсонцето. За да влезеш во конкуренција со вдовицата ќе треба да бидеш подготвен да ги предадеш и гладот кој би го наситил и срамотијата која би ја затскрил со подарените пари, и желбата тие повеќе да не ти бидат пречка во животот поради која ќе те понижуваат, и љубовта тоа да го сториш на вистинското место. Не мора во каса како официјално за собирање на таков вид прилог, ниту на маркиран просјак со позната негодна животосостојба. Доволно е некому од ближните, кои всушност се сите според Неговиот образ, и најмногу поради Него, Јагнето кој не ја штедеше Неговата љубов за да се жртвува на крстот за нашите гревови. Тогаш тоа ќе биде таа штедрост мерлива колку две лепти.

СП Апостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: