Најважниот ден

“ Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно; оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја; бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки!”  (Лука 21, 34-36)

Топлото сонце и небото без ниту едно облаче кои го прават овој ден пријатен во сета негова раскош со која е оспорена секоја друга за него негативна забелешка, истовремено не дозволува ниту развивање на чувства како оние кои би се нарекувале меланхолија и би биле доволно цврсти со сила на пранги да ја заковаат душата на едно место, не дозволувајќи й да полета кон исконските извори за кои уште во самата замисла за нивно креирање постоеше само поимот: радост. И во овој така пријатен ден, и во сите кои наликуваат на него, а за жал и во оние помалку пријатните сосема контрастни на опишаниот, веќе ми остана во навика да уживам и ги побарувам задоволствата на овој свет.

Во што би можело да ужива моево срце во изобилието на продукти кои ги сервира денешниот степен на развој на човечулецот, ако не во едвај очекуваното прејадување и пијанство, за кои само со сомневање се знае дали се: пороци или страсти, задоволства или казни, проклетства или благодати…  Да се наполнат очите со спектари од бои карактеристични за разни кујни, мириси и вкусови кои го растројуваат нестрпливиот желудник, чашка или неколку полни со огнена вода кои прават илузии на расположба отпосле презентирана во пејачка способност или тетеравечка нерамнотежа; се всушност грижите во овој свет кои треба да бидат задоволени во најбрза постапка и до горната граница на максимумот. Сит сум во полнота на оброк со кој би се нахранило можеби половина детска популација од африканско село во посиромашните подрачја и напиен сум за неколку генерации весели алкохоличари на кои сеедно им е дали се наоѓаат под или на масата. Ако нешто може да ги амортизира последиците од гореспоменатото, тогаш тоа е мојата дрскост, но сепак предизвикана само од незнаење, да ги прогласи двете појави за болести, за кои тешко се наоѓа лек и со кои сум се помирил дека Бог неправедно ми ги допуштил.

Крајот на пријатниот ден ќе дојде како и завршетокот на се’ световно што си има свој почеток. После него ќе следи најважниот, оној предвиден уште при создавањето, бескрајниот ден кој се раздолжил во границите на вечноста која нормално нема граници. За него е специфично дека ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја, што значи нема да биде најавен, го нема во ниту еден календар, роковник, ниту може да се предвиди во масонска ложа или на берзите. Многу би било тешко доколку ме затече ненадејно со полн желудник и збркан мамурлак и сѐ уште незавршени дела превземени во однос на заповедите. Ќе клепам со очите во патетична симфонија како тоа да не сум го очекувал целиот мој живот и како да посакувам само уште еден ден за да ја искорегирам мојата фатална гревовност.

И затоа да бидеме будни во секое време и да се молиме, за да го избегнеме сето она, што ќе настане, и да се исправиме пред Синот Човечки! Единствена грижа да ни биде нашето спасение на кое му посветуваме помалку време отколку на наједноставната покупка на мобилен телефон и неговиот бренд. Единствен пат да ни биде подолгиот, оној послан со трње и остри камења кои предизвикуваат рани кои на крајот сепак брзо и за секогаш зацелуваат со лисјата од Дрвото на животот. И единствена цел да ни биде што ќе кажеме кога во своја одбрана кога ќе се исправиме пред Синот Човечки, Кој веќе ги знае тајните на нашите срца. Само да не останеме молкум со наведнати глави…

СП Апостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: