Моето бегање во погрешна прегратка..

На почетокот се чинеше дека тој е нејзиниот спасител. Дојде во нејзиниот живот кога беше сама. Дојде пополека и беше трпелив. Се даваше себеси максимално, не барајќи ништо. И’ зборуваше дека сите проблеми се решливи и цврсто ја држеше за рака. И да, долго време беа среќни заедно. Тој поправаше се’ она што другите срушиле, а кога повеќе немаше што да се поправа, тогаш тој од спасител стана оној кој пронаоѓаше проблеми. Бајката стана ужас.

Од човекот кој беше нежен, полн со разбирање и поддршка, почна да се претвора во странец. Се’ што кај неа сакаше, одеднаш стана она што најмногу му смета. Нејзините соништа станаа глупи. Нејзините желби- себични. Во секоја расправија таа беше виновна. Виновна што не размислува како тој. Што и да направи за него не е добро. Од ведра и насмеана личност, се’ повеќе ја спушташе главата и молчеше. Кога зборуваше со него или со другите.

Често размислуваше:’ Чекај…каква е таа љубов во која се чувствувам лошо ако сакам времето да го поминувам со моето семејство и пријателите и да бидам насмеана. Еј..па тоа се мои луѓе, кои ме познаваат пред тебе. Не можам да дозволам повеќе да ме ограничуваш. Не сум твој заробеник.’

Но, јазот беше се’ поголем, нападите се’ посурови. Малтретирањето неподносливо. Да, никогаш не ја удри, но дали и тоа требаше? Зарем ова не е доволно? Психичко уништување од ден на ден, заради неговите ‘добри намери’ и желба за нејзина среќа, а се’ под заклетва на љубовта. Одлучи да ја заврши приказната и да продолжи понатаму. Заминувањето беше чудно. Ниту болно, ниту драстично, само се случи. Спонтано.

Времето направи и двајцата да се свртат кон други луѓе и други работи. Да беше тоа љубов, никогаш немаше да се заврши и никогаш немаше да боли- сфати. Ја научи лекцијата. Бегање од прегратката на еден проблем во засолниште на некој друг кој се чини како лек никогаш не е решение. Во животот мора да се избориш сама за своите соништа и за себе сама. И единствено ако се сака, навистина ако се сака и почитува, може еден ден со некој да се изгради дом.

М.М

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: